Денеска, со почеток во 20 часот во Македонскиот народен театар, свечено, со голем новогодишен концерт, Ансамблот Танец ќе ја затвори јубилејната 70-та година од своето постоење.
После серијата коцертни чествувања низ градовите низ земјава и меѓународните претставувања во Франција, Шведска и Австралија, „Танец“ вечерва заедно со своите гости од Србија, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Коло“, ќе ја исполни сцената на МНТ со бесценетите антологиски кореографии на „Тешкото“, Невестинското“, „Драчевка“, потоа уникатното „Старобосанско немо коло“, српските игри од Стара Планина, од Западна Србија и Босилеградскиот крај, како и повеќе оркестарски ора и песни, меѓу кои и познатото „Касапско оро“, популарните „Не стој Доне, Донке“, „Ој, Мораво“ и многу други.
На сцената ќе бидат над 120 учесници, а капацитетот на Македонскиот народен театар беше мал за да ги покрие со билети сите љубители на врвниот музичко-сценски фолклор. Картите за овој настан беа распродандени за само неколку денови.
Своевиден куриозитет на концертот е премиерната изведба на новата кореографијата со наслов „Радовишки собор“ на нашиот истакнат играорец и кореограф Јовица Блажевски, претставник на последната генереција кореографи на Танец“ кој зад себе како автор ги има и веќе добро познатите постановки „Посеље“, „Кумановка“,„ Малешевка“ и „Пијанец“, кои последниве години ја одушевуваат публиката дома и надвор од земјава.
Блажевски подолг период го истражуваше радовишкиот регион и од собраните материјали на теренот одбра новата кореографска творба да ја темели врз изворните радовишки соборски ора „Кукурику петле“, „Ситната“, „Трченица“, „Тоска“ и „Маца вода лие“, како и ороводната песна „Покрај, накрај Кате“. Во негов стил, карактеристичен и за претходните постановки, тој главно се базира врз изворните чекори на споментите ора, со вешти кореографски адаптации во духот на македонската играорна традиција.
Музичката обработка на споменатите традиционални ора му е доверена на познатиот македонски хармоникаш, композитор и аранжер Дарко Илиевски, воедно и долгогодишен знаменит член на оркестарот на „Танец“.
„Танец“ во оваа важна година го издаде и своето најново ДВД издание на кое се наоѓа спектакуларниот јубилеен концерт на ансамблот кој се одржа во МОБ во јуни годинава, и кој ќе остане запаметен по сектакуларните изведби во модерниот амбиент постигнат со најновите технологии на 3Д мапирање.
Посебна вредност за одбележување на 70-годишнината на „Танец“ има и најновата двојазична монографија, чие претставување пред јавноста ќе му претходи на вечерашниот концерт.
Промоцијата е закажана во фоајето на Македонскиот народен театар, во 19 часот. Книгата „Остани во чекор“ е посветена на десет антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“, а автор е познатиот македонски етномузиколог Кирил Тодевски.
Преводот на англиски го направи Марија Џонс, а издавач е Арс Ламина. Публикацијата содржи комплетни нотографии сите десет корепграфски постановки направени од Марко Коловски, а изобилува и со богат фотографски материјал од архивата на ансамблот.
Нејзиниот луксузен изглед го даваат прекрасните фотографии, кои специјално за книгата и приликата ги направи познатата фотографка Маја Аргакијева.
После промоцијата следи централниот настан, двочасовниот заеднички концерт на „Танец“ и „Коло“, после кој е закажан свечен коктел за учесниците, каде ководството на „Танец“, на своите вработени од ансамблот ќе им врачи јубилејни плакети за особен придонес во институцијата, кои специјално за пригодата ги изработи и ги донираше Завар Дизајн.