Владата донесе одлука за поништување на одлуките на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи за разрешување и именување на вршители на должност директори на центри на социјална работа во неколку градови, поради тоа што тие биле спротивни на законот.
Поништени се решенијата за разрешување од должност и именување на вршители на должност директори во јавните установи – меѓуопштински центри за социјална работа во Штип, Битола, Пробиштип, Валандово, Прилеп и Радовиш.
-Одлуката на техничката министерка Рашела Мизрахи за разрешување и именување на в.д директори на центрите за социјална работа е донесена спротивно на чл.46 став 2 од Законот за Влада: „Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа”, велат од Владата.
Владата нагласува дека дека со оглед на тоа што целта за избор и на техничкиот министер и на дополнителниот заменик на министер е организација на изборите за пратеници во Собранието, сите правни и кадровски прашања потребно е заедно и рамноправно да се разгледуваат и за истите заедно и рамноправно да се носат одлуки односно да се одобруваат, што следствено ќе биде верификувано со акт/документ кој ќе биде потпишан во случајов од министерката и од дополнителната заменичка на министерката.
„Техничката министерка спротивно на Законот и со притисок врз вработените во архива (со писмена наредба) ги донела решенијата за разрешување и решенијата за именување на други вршители на должност директори во јавни установи – меѓуопштински центри за социјална работа“, велат од Владата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ПОРТРЕТ: Рашела Мизрахи, биохемичарката која стана министерка за труд и социјална политика
Фото: Фејсбук/Мизрахи