еМагазин
Image default
ЖИВОТ

(Фото) Никогаш не пушела, ниту пиела, ниту прејадувала: Еден од најстарите жители во државата живеел во Струмица

До пред 40 денови во Струмица живеел еден од најстарите жители во државата, 105-годишната Султана Танчева. Приказната за баба си ни ја раскажа нејзиниот внук Горан, кој жали што додека била жива од „немукает“ не ја овековечил нејзината долговечност.

-Според лична карта се води дека е родена на 10 октомври 1915 година во селото Канџаљи, Егејска Македонија. Но, според кажувањето на нејзините најблиски таа е родена три години порано, 1912 година, односно како што раскажуваа моите пред егзодусот во 1913 година. Така што сосема е извесно дека замина од овој свет на 108 годишна возраст, вели внукот Горан Танчев.

Вчера најблиските одбележаа 40 денови од смртта и уште еднаш се потсетија на нивната мајка, баба и прабаба.

-Баба родила пет деца, еден син и четири ќерки. Од нив има осум внуци и исто толку правнуци. Од нејзините деца само највозрасната ќерка почина порано, додека останатите се живи и здрави. На свои сто години играше оро на свадбата на еден од внуците, раскажува Горан, внук од синот на баба Султана.

Животната приказна на Султана не се разликува  од многу други од периодот во кој растела. На 1,5 годишна возраст останала без мајка и за неа се грижела стрина и. Цел живот била домаќинка и повремено работела земјоделство.

-Откако побегнале од родното огниште преку планината Беласица дошле во селото Банско, а по смртта на мајка и се префриле да живеат во селото Градско Балдовци. Таму ги примил еден Турчин, им дал соба и таму живеела до 1935 година, кога се омажила во градот за дедо ми Слободан. Со него живееле заедно до 1989 година, кога починал дедо ми, се сеќава внукот Горан.

Додава дека нема тајна за долговечноста на неговата баба. Била витална и подвижна до нејзината смрт на 10 јануари годинава и само на два дена пред да почине залегнала во постела. На денот на смртта внукот Горан наполнил 35 години. Вели дека првпат не го прославил роденденот, но е горд што на значен датум за него баба му оставила аманет за вечно сеќавање.

Додава дека никогаш не пушела, ниту пиела, ниту прејадувала. Цел живот напорно работела, одгледала пет деца, а се грижела и за внуците. Секогаш била со насмевка на лицето и ништо не и било тешко.

Горан уште еднаш на крајот рече дека многу жали што порано не ја раскажал приказната за баба Султана, но сепак спомените за неа ќе останат и ќе се пренесуваат од колено на колено во нивното семејство.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Единаесет новозаболени од морбили, тројца хоспитализирани

Редакција

(Видео) Пендаровски со сопругата во Лондон и одадоа последна почит на кралицата Елизабета Втора

Редакција

„Ако мене ме гонеа, и Вас ќе ве гонат“: Значението на Велик Петок-најтешкиот и најтажниот ден, поради Христовите страдања

Редакција