Досега се склучени 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Најголемата набавка е за респираторни машини, за што се потрошени 909 илјади евра, во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, објави Центарот за граѓански комуникации, по направениот мониторинг на итните набавки поврзани со коронавирусот за навремено детектирање одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел заштита на јавните пари и рационално искористување на ограничените ресурси во земјава.
Оттаму информираат дека во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавенитe производи, ниту поединечните цени.
Пет здравствени, три локални и две национални институции се во првите 10 институции со најголема вредност на набавките.
Иако во мониторираниот период е зголемен бројот на објавени договори за итните набавки, стои во извештајот, сепак дел од институциите и натаму не ги објавуваат известувањата за склучен договор и самите договори.
Најчесто се купува заштитна опрема, и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените.
Државните институции набавуваат повеќе видови маски, од двослојни или трослојни заштитни хируршки маски по цени од 30 до 45 денари, преку заштитна маска N95 со цени од 200 до 340 денари, респираторни маски FFP3 со цена од 177 денари и респираторни маски N95 кои чинат од 66 до 97 денари, па сè до платнени маски по цена од 35 денари и хируршки маски со визир по цена од 53 денари.
Шареноликост постои и во однос на скафандерите, па некои купуваат од оние за еднократна употреба, за кои плаќаат од 177 до 485 денари, а други купуваат скафандери за повеќекратна употреба, по цени од 1.180 денари.
Кога станува збор за прегледните ракавици за еднократна употреба, забележана е значајна разлика во цените: од 1,76 денари до 4,70 денари. Малопродажната цена за овие ракавици е главно 3,5 денари и произлегува дека одредени институции ги купуваат по цени што се повисоки и од малопродажните.
Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавените производи, ниту поединечните цени.
Дел од институциите (речиси 20 отсто), стои во објавените резултати од мониторингот, во договорите за јавна набавка или во одлуките за избор на најповолна понуда што ги објавуваат на Електронскиот систем за јавни набавки, го наведуваат само предметот на набавката, односно што е тоа што ќе го купат и вкупната вредност на договорот.
Ваквото постапување, се подвлекува, не е во духот на транспарентното и отчетно работење и го оневозможува увидот на стручната јавност и на граѓаните во начинот на којшто се трошат јавните пари.
Се препорачува имајќи ги предвид констатираните наоди во досегашното спроведување на итните јавни набавки поврзани со кризата поради коронавирусот и во очекување дека овие набавки ќе стануваат сè пообемни, договорните органи да настојуваат секогаш да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари, редовно, навремено и што е можно подетално да ја информираат јавноста за итните набавки и да се наведува прецизен опис на набавените производи, количините и поединечните цени во склучените договори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Прилеп 7 нови случаи на заразени од корона вирусот, вкупно 124
426 од заразените со коронавирусот во Македонија без симптоми
Коронавирусот регистриран во 24 градови во Македонија, детален преглед