Финансискиот систем е подготвен да се справи со корона-кризата, прудентната регулатива на финансиските регулатори, во голем дел усогласена со европските регулативи, придонесе системот да е во кондиција со којашто може да се справи со шокот предизвикан од пандемијата на Ковид-19, се дел од констатациите на вчерашната седница на Комитетот за финансиска стабилност на Народната банка.
„Акцент беше ставен на регулаторните измени со кои што се овозможи поголема флексибилност за банките при реструктурирањето на кредитите со цел олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците.
Исто така, беа посочени и мерките кои што имаат за цел ослободување на ликвидност на банките и нејзино насочување кон поддршка на економијата, преку намалениот износ на понудата на благајнички записи и можноста за ослободување на задолжителната резерва за реструктурираните и одобрените кредити на погодените сектори.
Беа објаснети и привремените олеснувања во однос на регулаторните известувања и супервизорскиот пристап за банките, со коишто им се овозможува поголема фокусираност на потребите на граѓаните и компаниите,“ се вели во соопштението на Народна банка.
Од таму додаваат дека најновото стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и кај банкарскиот систем во целина, од минатата година, отпорноста на шокови е зголемена.
„Системот е здрав и стабилен, со висока и стабилна ликвидност и солвентност,“ истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
На седницата беше констатирано дека со мерките коишто се преземаат и дополнително се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде одржана. Сите финансиски регулатори изразија подготвеност и решеност и за натамошно координирано следење на состојбите, при што се подготвени секогаш кога ќе биде потребно да преземат и натамошни мерки и активности, во согласност со своите надлежности, велат од Народна банка.