еМагазин
Image default
Бизнис

Народна банка: Корона вирусот видно ги влоши деловните активности, неизвесноста продолжува

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%, соопшти Народната банка по одржувањето на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

„Имено, во условите коишто произлегуваат од пандемијата на Ковид-19 и мерките за спречување на ширењето на вирусот, кои неповолно влијаат и врз глобалната и врз домашната економија, а при солидно ниво на девизни резерви и отсуство на инфлациски притисоци, од почетокот на годината монетарната политика е релаксирана.

Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,5%, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за натамошно зголемување на ливидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија.

Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови“, соопшти банката.

Истовремено, ликвидноста ослободена преку основниот инструмент на Народната банка, од вкупно 15 милијарди денари во април и мај, на седницата било оценето дека е соодветна, при што е одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

„На седницата беа разгледани и најновите економски показатели во домашната економија. Растот на економската активност значително забави во првиот квартал на оваа година и изнесуваше 0,2% на годишна основа, наспроти раст од 3,4% во претходниот квартал.

Случувањата поврзани со појавата на Ковид-19 во глобални рамки, како и мерките кои беа преземени за спречување ширење на вирусот, во текот на март доведоа до влошување на деловната активност, видливо кај поголем дел од економските дејности.

Гледано од расходната страна, ваквата состојба се одрази врз домашната побарувачка, која имаше помал позитивен придонес за растот на БДП, кој речиси во целост беше неутрализиран од негативниот придонес на нето извозот.

Послабата домашна побарувачка во првиот квартал произлегува од малиот пад на бруто инвестициите, наспроти нивниот солиден раст во претходниот квартал, како и на забавувањето на растот на личната и јавната потрошувачка“, велат од Народна банка.

Тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од оваа година се ограничени за поцелосно согледување на состојбите, но податоците за индустријата и трговијата за април упатуваат на понатамошни и понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност.

„Во однос на инфлациските движења, ценовните промени во периодот април-мај засега се во согласност со проекцијата за вториот квартал. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата од 0% за оваа година, тековно се оценуваат како урамнотежени.

Сепак, и понатаму постои голема неизвесност околу идното движење на светските цени на примарните производи, поврзано со корона вирусот и времетраењето на пандемијата“, соопшти Народната банка.

Оттаму додаваат дека нивото на девизните резерви се одржува во сигурната зона, а остварувањата во текот на второто тримесечје, главно се во согласност со очекувањата.

„Во текот на овој месец, девизните резерви забележаа значаен раст од околу 600 милиони евра. Податоците од надворешниот сектор за второто тримесечје се ограничени, но од расположливите податоци се согледува поизразено негативно влијание врз домашната економија од ширењето на коронавирусот, во согласност со очекувањата дека негативните ефекти ќе бидат најсилни во април, со постепено закрепнување во преостанатиот дел од вториот квартал“, велат од Народната банка.

Од банката додаваат дека последните информации од надворешнотрговската размена за април 2020 година упатуваат на можност трговскиот дефицит да биде во согласност со очекувањата според проекцијата, иако периодот од еден месец е краток за донесување посигурни констатации во овој домен.

„Податоците за менувачкиот пазар заклучно со мај, засега укажуваат на можност нето-приливите од приватните трансфери да бидат пониски од очекуваните за вториот квартал. Остварувањата кај билансот на плаќања во првиот квартал од оваа година упатуваат на дефицит во тековната сметка, којшто е во согласност со априлската проекција, а поголеми отстапувања во однос на проекцијата не се забележани ниту во финансиската сметка“, соопшти банката.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за мај покажуваат нивен годишен раст, во согласност со проекцијата за вториот квартал од годината.

„Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена на Народната банка.

Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата на Ковид-19 и натаму се присутни и изразени, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија, што влијае и на променливост во очекувањата.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките, доколку тоа е потребно“, велат од Народната банка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ 

Се најавуваат отпуштања во преработувачката индустрија

Отворена донаторска платформа solidarnost.gov.mk за полесно справување со корона вирусот

Народна банка: Девизните резерви месецов со раст од 603,8 милиони евра и ќе продолжат да растат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Жито Лукс“ неколкукратно ја зголеми добивката

Редакција

Владата повторно ангажира адвокати: Осум Украинци поведоа арбитражна постапка против земјава

Редакција

Депонентите во Еуростандард банка ќе се обесштетуваат преку Стопанска банка Скопје, Комерцијална, НЛБ и Халк банка

Редакција