еМагазин
Image default
Балкан

Каде сѐ во Грција задолжително е потребна маска: Казната изнесува 150 евра

Во продавниците за малопродажба, во продавниците за храна како што се фурни, месарници, слаткарници и слично, во супермаркетите, во банките, во јавните служби што работат со странки, во фризерските и козметичките салони, во јавниот превоз и такси возилата, во лифтовите, во болниците, ординациите и дијагностичките центри во Грција, од денеска е задолжително носење маска како за граѓаните, така и за вработените, со одлука на грчката Влада, а по препорака на експертите, јави дописничката на МИА од Атина.

За прекршување на мерката предвидена е парична казна од 150 евра. Во сите другите затворени простори, но и на отворено каде што има гужва и не може да се држи растојание, постои силна препорака да се користи маска.

Во црквите и религиозните објекти, иако беше најавувано дека може да се воведе, сепак носењето маска не е задолжително, туку постои само препорака, а заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас на вчерашната прес конференција рече дека мнозинството од црквите ги почитуваат превентивните мерки.

Грчката Влада, преку социјалните мрежи ги објави правилата во однос на тоа каде од денеска е задолжително носењето маска.

Националната организација за јавно здравје на Грција вчера соопшти 52 нови случаи на Ковид -19, бројка поголема во споредба со изминатите денови, кога просекот на дневни позитивни случаи на коронавирусот беше околу 30 заразени лица.

Особена загриженост кај грчките епидемиолози предизвикува зголемениот број позитивни случаи во големите урбани средини како што се Солун и Атина.

Според податоците кои вчера ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, во земјата, заклучно со 26 јули 2020 година, од 4.193 регистрирани случаи, 429 се активни.

Само во Атина, активни се 145 случаи од кои 36 се хоспитализирани, а 109 се во самоизолација.

-За овие 145 активни случаи кои во овој момент ги имаме во Атика, имаме и околу 596 лица кои како блиски контакти, дали од висок или низок ризик се ставени во изолација, објасни Хардаљас.

Во Солун, активни се 66 случаи, од кои осум се на лекување, а останатите 58 во самоизолација.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Границата со Грција останува затворена најмалку до 22 февруари

Редакција

Русија го одобри производството на вакцината „Спутник V“ во Србија

Редакција

Имал или не срцев удар Ердоган

Редакција