Клубот „Аватар“, кој беше затворен во јули на еден месец, се пререгистрирал во Централниот регистар како кафе бар, а по објави на социјални мрежи дека таму се одржуваат забави, инспектори на Пазарниот инспекторат извршиле контрола минатиот петок, но не констатирале неправилности.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за МИА потврди дека „Аватар“ кон крајот на минатиот месец објектот бил пререгистриран во кафе бар.
-Испративме екипа минатиот петок таму за да провериме. Инспекторите направиле записник и констатирале дека се почитуваат протоколите, односно имале се што е потребно за кафе бар.
Инспекторите беа таму до 01:10 часот, а објектот бил затворен во 01:00 часот по полноќ до кога е дозволено да работи. Наредната вечер наши екипи беа во контрола во други градови за каде имавме сознанија дека ќе има забави.
Но, добивме информација дека во Струмица има проблеми и се обративме на полицијата да интервенира. Кога стигнале нашите инспектори полицијата веќе напишала кривична пријава.
Доколку понатаму констатираме неправилности ќе реагираме и ќе пратиме информација до Владата за да преземеме и поригорозни мерки, вели Пауновски.
Од менаџментот на „Аватар“ велат дека работат како кафе бар и ги почитуваат законските прописи и протоколи.
-Работиме според закон и ги почитуваме протоколите, кусо изјавија од „Аватар“.
Полицијата му поднесе кривична пријава на „Аватар“ и на 18 јули, кога објектот беше затворен од пазарната инспекција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) По “журките“ без маски, пазарниот инспекторат го затвори ноќниот клуб „Аватар“ од Струмица
МИА/Фото: Аватар/Фејсбук