Собранието на акционери на Охридска Банка АД Скопје на седницата закажана за 5 октомври, годинава ќе одлучува за отпочнување статусна промена – присоединување кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.
Во предлог одлуката објавена преку Македонската берза се вели дека присоединувањето кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје ќе биде извршено во согласност со применливата регулатива, со пренос на целокупниот имот и обврски на Охридска Банка АД Скопје, без спроведување на ликвидација, во замена за акции на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.
„Акционерите на Охридска Банка АД Скопје ќе добијат акции од Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје во сооднос пресметан во согласност со применливата регулатива и утврден во Спогодбата за присоединување.
Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, за целите на размената, ќе ја зголеми основната главнина со издавање на акции преку приватна понуда, во согласност со применливата регулатива за статусни промени.
За целите на присоединувањето, се овластува Надзорниот одбор на Банката да договори и склучи Спогодба за присоединување, која ќе ги содржи податоците предвидени во Законот за трговските друштва. Спогодбата за присоединување ќе стане полноважна по одобрувањето од Собранието на акционери на двете банки, а по претходна добиена дозвола за статусна промена од страна на Гувернерот на Народната Банка“, пишува во предлог одлуката.
Во неа, се најавува дека Охридска банка АД Скопје, ќе поднесе барање до Народната Банка за добивање дозвола за одобрување на статусна промена – присоединување кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје заедно со целокупната потребна документација и во согласност со применливата регулатива, во период не подолг од шест месеци од денот на донесувањето на оваа одлука.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе има ли отпуштања на вработени со спојувањето на Охридска банка и Шпаркасе
Малцински акционери ја тужат Охридска банка