Уставните судии на денешната седница треба да донесат одлука по иницијативата за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.
Овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.
Уставниот суд во ноември минатата година поведе постапка по иницијативата, но одлучувањето беше одложено за да се добие од Собранието автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, кој му дава дискрециско право на претседателот на државата да даде помилување без да спроведе постапка за помилување.
Собраниската Законодавно-правната комисија тогаш одлучи дека барањето за автентично толкување не е оправдано, бидејќи членот 11, кој на претседателот му дава дискрециско право да помилува, воопшто и не постои.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, повикувајќи се на избришаниот член 11 од Законот за помилување, најпрвин аболицираше 56 лица, а потоа во Законот беше додаден нов член, 11-а, со кој го повлече помилувањето.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера на прес-конференција не сакаше да коментира каков ќе биде исходот на расправата на Уставниот суд по иницијативата во врска со членот 11а од Законот за помилување, но, како што рече, е убеден дека одлуката на Уставен ќе ја расчисти оваа ситуација.
– Ова е важен процес и не треба да прејудицираме која ќе биде расправата на Уставниот суд во врска со членот 11а од Законот за помилување за да не се прави какво било влијание. Не би сакал да коментирам.
За нас е најважна правдата, правната држава и владеењето на правото како принцип. Верувам дека ќе имаме одлука или некаков вид изјаснување на Уставен, кој ќе ја расчисти оваа ситуација, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.
МИА/Фото: Кабинет на претседателот