еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Општина Центар ги пушти во употреба првите повратни вендинг машини за рециклирање

ЈП „ПОЦ“  и општина Центар во рамките на проектот „И отпадот има вредност!“ од денеска ги пуштија во употреба првите повратни вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки, поставени на седум локации на територијата на општина Центар.

Првите седум машини за рециклирање се поставени пред бараките на општина Центар, кај слаткарница Апче, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, затворено паркиралиште „Зелен пазар“, во ГТЦ и затвореното паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец, a до крајот на годината ќе бидат поставени вкупно 27 машини.

Жителите на општината преку повратните вендинг машини ќе можат да рециклираат PET пластични шишиња и лименки, за што ќе добијат субвенции од општина Центар на нивната GreenPay платежна картичка.

-Се работи за нова картичка која ќе ја замени постоечката М-карта и ќе овозможи многу повеќе поволности. Освен најава на гости, со GreenPay картичката жителите ќе имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да пазарат со попусти во зелената мрежа на локали кои се приклучија во овој проект – маркети, ресторани, кафеани, кафулиња и бутици.

До сега, оваа мрежа вклучува повеќе од 30 локали кои ќе овозможат попусти, а заради големиот интерес зелената мрежа секојдневно ќе се проширува. Дополнителна поволност на оваа картичка е можноста за префрлање на средства од други платежни картички, велат од општината.

За секое рециклирано пластично шише или лименка од 0,25 до 0,75 литри жителите ќе добиваат 0,5 денари, за шише од 1 до 1,75 литри добиваат еден денар, а за шише од 2 до 2,25 литри, 1,5 денари.

„Направивме стратегија која ќе го помогне семејниот буџет на секое семејство во Општина Центар, ќе ја поттикне локалната економија, а воедно ќе биде корисна и за животната средина.

Дел од оваа стратегија е и проектот „И отпадот има вредност!“ кој ќе им овозможи на жителите да учествуваат во правилно справување со отпадот преку рециклирање на пластични шишиња и лименки за што ќе добиваат субвенции од општината и можности за дополнителна заштеда.

Создадовме зелена мрежа од маркети, кафулиња, кафеани, бутици и ресторани каде со плаќање преку GreenPay картичката ќе може да се пазари со попуст од 3, 5 и 7 отсто“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на општина Центар, Васко Кичевски.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ истакна дека општината ќе субвенционира средства со вкупен износ од 12 милиони денари, за жителите кои ќе се вклучат во процесот на рециклирање и на овој начин ќе ги мотивираат да влијаат во подигање на свеста за зачувување на животната средина.

„Многу ми е драго што можам гордо да изјавам дека Центар станува модерна општина по пример на светските трендови„, изјави Богдановиќ.

Жителите на  Центар  од денеска можат да аплицираат за GreenPay платежна картичка во катната гаража „Судска Палата“ на ЈП ПОЦ, со приложување на лична карта и барање за договор.

Во следните денови ќе биде отворена и можноста за онлајн аплицирање преку ПОЦ мобилната апликација и веб платформата www.poc.mk. 

Фото: Општина Центар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

НЛБ Банка со кампања „Think Green“ за заштита на животната средина

Редакција

Санкции за четири правни и две физички лица за опасниот отпад во Орман

Редакција

Убава вест: Се нормализира водостојот на Охридското Езеро

Редакција