еМагазин
Image default
Македонија

Расте бројот на заболени од Ковид-19 во Македонска Каменица, најголемиот број активни се вработени во рудникот Саса

Расте бројот на новозаразени од Ковид-19 во Македонска Каменица. Најголем дел од активните случаи во оваа општина, како што информираа од хигиено-епидемиолошкото одделение во Делчево, се вработени во рудник Саса.

Од компанијата ја потврдија веста, информирајќи дека во компанијата има вкупно 19 вработени кои се позитивни на вирусот, од кои пет лица од позитивните доаѓаат од компании што соработуваат со рудникот.

„Рудникот Саса во моментот има 14 вработени кои се тестирани како позитивни на Ковид-19 и вкупно четири лица кои се во изолација, како резултат на близок контакт со лица позитивни на вирусот. Кај надворешните компании кои соработуваат со рудникот идентификувани се дополнителни пет лица инфицирани со вирусот и сите се наоѓаат во изолација.

Рудник Саса и понатаму ќе продолжи да ги презема сите активности, со цел да се превенира ширењето на вирусот и да се обезбеди сигурноста и заштитата на здравјето на вработените во рудникот и на нашите сограѓани“, се вели во информацијата од рудникот.

Оттаму додаваат дека вработените редовно се информирани за здравствената состојба во компанијата, како и за мерките, кои треба да ги почитуваат за да го заштитат сопственото и здравјето на другите.

„Рудникот Саса, уште од самиот почеток на епидемијата во нашата земја, континуирано ја следи состојбата и ги спроведува сите протоколи и мерки за заштита од Ковид-19, утврдени од надлежните државни институции, а има усвоено и дополнителни интерни протоколи и мерки за заштита.

Направен е детален преглед на сите работни активности со цел да се осигура дека може да се обезбеди неопходното социјално растојание. Беа идентификувани и заштитени најранливите категории вработени, а сите кои можат да работат од дома се охрабрија да го сторат тоа.

Истовремено се ограничија и сите надворешни посети во рамки на целиот руднички комплекс“, додадоа од рудникот.

Како што се додава во соопштението, согласно активностите на компанијата, координативното тело за превенција и борба против ширење на Ковид-19, заедно со медицинскиот тим на рудникот ќе продолжат секојдневно да ја следат здравствената состојба на сите вработени.

За таа цел ќе бидат спроведени епидемиолошки анкетни разговори, вклучително и тестирања на лица според соодветна индикација, а исто така ќе бидат донесени и дополнителни мерки за заштита на здравјето на вработените.

Во општина Македонска Каменица во моментот има 86 активни случаи на Ковид-19 и моментално е општина која го надмина Делчево по бројот на активни случаи со Ковид-19.

Двете општини во статистиката на Министерството за здравство заедно имаат 170 активни случаи, од кои 84 од позитивните случаи се регистриани кај лица од Делчево.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кои се новите претседатели на општински организации на СДСМ

Редакција

Откако го разреши, министерот Меџити го повика Јовев да му биде советник

Редакција

Чаир стигна до 394 активни случаи со Ковид-19: Како изгледа бројот на заразени по скопските општини

Редакција