еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Каде и како да аплицирате: Стартува реализацијата на петте мерки за помош на туристичките и угостителските работници

Министерството за еконмија денеска почнува со реализација на пет мерки од четвртиот сет кои се директна поддршка за туристичките и угостителските работници кои беа погодени со пандемијата од Ковид-19.

Мерките се донесени во консултација со приватниот сектор и сметаме дека ќе бидат многу значајна поддршка, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Петте мерки, како што рече на денешната прес-конференција, се враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти, грантови за туристички агенции, грантови за категоризирани ресторани за свадби, грантови за игротеки и грантови за лиценцирани туристички водичи.

-За реализација на сите пет мерки Министерството за економија со ребалансот на Буџетот има обезбедено средства во износ од  459,65 милиони денари денари, односно 7,5 милиони евра.

Рокот на аплицирање за овие пет мерки е 27 ноември, а финансиската поддршка ќе биде исплатена до крајот на годината, истакна Бектеши.

Со цел почитување на сите здравствени протоколи, потенцира, реализацијата на мерките ќе се спроведува преку платформата www.domasiedoma.gov.mk  или www.pushimenevend.gov.mk на која апликантите ќе можат да ги поднесат нивните барања и потребна документација онлајн.

На платформата се прикачени и јавните повици и програмите, но исто така Министерството за економија ќе одговори на сите прашања поврзани со мерките преку Секторот за туризам.

Веродостојноста на податоците ќе се проверува преку надлежните институции како што се Министерство за финансии, УЈП, Агенцијата за вработување, како и Државен пазарен инспекторат.

-Со цел поддршка на хотелиерството за време на кризата со Ковид 19, Министерството за економија предвидува враќање на туристичка такса за 2019 година за сите угостителски објекти за сместување.

Со мерката транспарентно и ефикасно ќе се вратат средства директно на сите кои во 2019 година имаат уплатено туристичка такса, рече Бектеши и додаде дека за оваа мерка се предвидени 120 милиони денари.

Износот на средства за грантови за туристички агенции, посочи, ќе биде доделен во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценцата за работа, а ќе изнесува најмногу до 180 илијади денари за Б лиценца и најмногу до 430 илјади денари за А лиценца. За таа намена предвидени се 116,85 милони денари.

За грантови за категоризирани ресторани за свадби, додаде, предвидени се 60 милиони денари.

-Со мерката се предвидува грантови за категоризирани ресторани кои имаа пад во нивните приходи над 75 отсто, односно ресторани кои организираат свечености, свадби и настани, и поради пандемијата беа ограничени да вршат дејност.

Износот на средства кој ќе биде доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на решението за категоризација, а ќе изнесува од 180 до 600 илјади денари за правен субјект, прецизира Бектеши.

Поддршката за грантови за игротеки ќе изнесува од 90 илјади до 300 илјади денари кои, како што рече министерот, ќе се одредуваат во зависност од вкупниот приход на субјектот во претходната година. За исплата се предвидени вкупно 153 милиони денари.

За лиценцираните туристички водичи е предвидено исплата на грант во износ од три плати, односно по 65.000 денари за секој туристички водич кој поради кризата со пандемијата не можеше да ја обавува дејноста. Вкупниот износ на средства за оваа мерка е 9,8 милиони денари.

-Очекувам максимално искористување на мерките и постигнување на посакуваните ефекти, а тоа се задржување на работните места и помош за компаниите за опоравување од последиците со пандемијата.

Ги повикувам сите туристички рботници и угостители да аплицираат, а Министерството за економја, веднаш ќе ги обработи апликациите се со цел средствата да бидат навремено исплатени, рече Бектеши и потсети дека минатата недела Министерството објави јавен повик за кофинансирање на трошоци за занаетчиите.

Предмет на јавниот повик, прецизира, е кофинансирање на трошоци на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, преку кофинансирање до 60 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали.

-За оваа мерка се предвидени средства со вкупен износ од 20 милиони денари, а ќе бидат кофинансирани докажаните трошоци за набавки направени во 2020 година. Разгледувањето и  изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, ќе се прави по принципот „Прв дојден, прв услужен“, а крајниот рок за аплицирање по овој јавен повик е до 27 ноември годинава, посочи Бектеши.

Нагласи дека Министерството за економија и во првите три сета на економски мерки за справување со Ковид-19 се фокусираше на поддршка на туризамот и угостителството, на поддршка на занаетчиите и на конкурентноста на домашниот бизнис во услови на пандемија.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Угостителските услуги во октомври поскапи за 6,1%

Редакција

Пакетот мерки за нашата индустрија ниту е донесен ниту е објавен, велат од компаниите за организација на настани

Редакција

На компаниите ќе им се признаваат расходите за регрес за годишен одмор и за тестирање за Ковид-19

Редакција