Во тек се 11 вонредни инспекциски надзори за смртни случаи за лица под 40-годишна возраст, од кои три се затворени и по нив нема да се иницира вонреден стручен надзор. За останатите, во моментот кога ќе бидат завршени ќе се одлучи дали има или нема елементи да се прави стручен надзор, соопшти Ирина Сотирова-Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Стручниот надзор за околностите за смртта на 41-годишна штипјанка го врши Лекарската комора, а известување, рече Бухова, ќе има кога ќе биде завршен. Апелираше на трпеливост поради оптовареност на лекарите кои покрај тековната работа, ги прават и надзорите.
– Имаме иницирано 25 вонредни стручни надзори, меѓутоа, да објаснам, докторите кои ќе треба, односно кои ќе ги вршат стручните надзори, се истите доктори кои се членови во Лекарската комора.
Во Комората членуваат сите доктори кои имаат лиценци и кои се вработени во приватни и во јавни здравствени установи. Тоа се доктори кои во моментов работат деноноќно на лекување на пациентите.
За да се избегнат одредени конфликти на интереси, се избираат доктори кои се од различни институции, а не од оние во кои, условно речено, е настанат проблемот. Затоа овој стручен надзор трае подолго време.
Имајте трпение затоа што лекарите се и онака оптоварени, а ниту еден инициран стручен надзор нема да остане неодговорен, рече Бухова.
МИА/Фото: Влада