Психологот Маријана Марковиќ за МИА вели дека сексуалното насилство врз жената има долгорочни последици по нејзиното физичко и ментално здравје, како и во однос на нејзината социјална позиција.
Како резлутат на сексуално насилство можни се физички повреди, можна е појава на несакана бременост, небезбеден абортус, поголем ризик од сексуално преносливи заболувања, вклучително и ХИВ.
Марковиќ појаснува дека по сексуалниот напад, преживеаните може да почувствуваат како нивните тела да не се навистина нивни. Преживеаните често пријавуваат чувство на срам и вина. Многумина се обвинуваат себеси за нападот.
Како резултат на нарушување на менталното здравје се појавуваат следните растројства: депресија, анксиозност, посттрауматски стрес, нарушување на личноста, ризично однесување, зависности, идеи, обиди за самоубиство, социјална изолација.
Сексуалното насилство врз жените често е резултат на нееднаквата моќ меѓу мажите и жените и почесто се случува во култури кои поттикнуваат верувања за машката супериорност и социјалната и културната инфериорност на жените, потенцира Марковиќ.
Во рамките на културите, улогите и претставите на половите и ставовите кон сексуалното насилство се разликуваат.
Но, и покрај разликите во еманципацијата на жената и воспоставената еднаквост, сексуалното насилство на жените е присутно во сите култури.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), на глобално ниво, една од три жени доживуваат физичко и/или сексуално насилство во текот на својот живот, претежно од интимен партнер.
МИА