Граѓаните од денеска повторно ќе можат да плаќаат во готово преку шалтерите на Пошта. Системот од страна на Халкбанк е имплементиран и почнува да функционира платниот промет, согласно договорот потпишан со националната Пошта.
Халкбанк АД Скопје, беше избрана за банка преку која ќе се одвива платниот промет на Пошта, откако претходно беше во прекин поради пропаѓање на Еуростандард банка.
Платниот промет во првата недела ќе биде достапен во подружниците Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на март услугата ќе биде достапна во сите останати единици на Пошта, информираа од Халкбанк АД Скопје.
Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта, ќе биде со поволни провизии, односно 35 денари за плаќање на сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.
-Со оглед на широката мрежа на експозитури и тоа во места во кои граѓаните немаа друга можност за вршење на трансакции од платниот промет, од Пошта очекуваат дека претпријатието во многу скоро време ќе се врати на првобитната позиција која ја имаше до пред неколку месеци – каде се одвиваше 25 проценти од вкупниот платен промет во државата, наведоа во соопштение од Халкбанк.
Според најавите, во скоро време коминтентите на Халкбанк на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарски, дополнителни услуги.
Над 870 вработени во Пошта целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на наведените услуги, а како што беше објавено на потпишувањето на договорот, од остварениот заеднички приход 71 отсто ќе биде за државната пошта, а 29 отсто за Халк Банка.
Платниот промет преку Пошта на РСМ беше прекинат по прогласувањето стечај на Еуростандард банка, која претходно имаше договор за таа намена.
МИА