еМагазин
Балкан ТОП СТОРИИ

Во Србија во голема акција уапсени 5 антиваксери поради ширење паника за вакцините против Ковид-19

Српската полиција, по наредба на Обвинителството за високотехнолошки криминал, денеска уапси пет лица кои јавно ги искажуваа и пропагираа своите ставови против вакцинирањето на граѓаните.

Како што јави досписникот на МИА од Белград, ова е само почеток на акцијата за приведувања на антиваксери за кои постои сомневање дека шират дезинформации во јавноста во врска со имунизацијата на населението кои не се научно потковани, ширејќи паника меѓу граѓаните и со тоа ја загрозуваат вакцинацијата на населението и враќањето кон нормален живот.

Утрово во 7.30 часот српската полицијата изврши претрес во станот на познатата антиваксерка и претседателка на движењето „Живеам за Србија“, Јована Стојковиќ и нејзиниот сопруг Владимир, врз основа на судска наредба заради ширење на страв и паника.

Полицијата со налог од Вишото јавно обвинителство за претрес на станот и други простории дошла пред вратата на д-р Јована Стојковиќ, позната како „водечка ѕвезда“ на лобито за анти-вакцинација во Србија.

Стојковиќ го пренесуваше во живо на социјалните мрежи претресот, дискусијата и навредите кон полицијата, а по претресот беше приведена.

Сестрата на кошаркарката Милица Дабовиќ, Јелена Дабовиќ, исто така утрово е приведена на распит, во акцијата против антиваксерите.

По распитиот Дабовиќ изјави дека е приведена поради сомнеж дека на социјалните мрежи објавувала содржина против вакцините, потенцирајќи дека „само споделувала објави на други луѓе, како што тоа го прават милиони граѓани“, пренесоа белградските медиуми.

Доколку Обвинителството одлучи да започне истрага против антиваксерите, тие може да се соочат со можност да бидат осудени на максимум пет години затвор за ширење паника.

Против Јована Стојковиќ се води постапка и пред Судот на лекарската комора на Србија, бидејќи пет лекари пријавиле прекршување на етиката и анти-вакциналните активности.

Важно е да се напомене дека Стојковиќ постојано ја истакнува својата титула доктор на медицината, поради што нејзиниот авторитет се зголемува во јавноста, а од друга страна, кога била повикана на одговорност со образложение да еден лекар не смее да пропагира недокажани медицински ставови, Стојковиќ се бранеше да нејзиниот „граѓански активизам нема никаква врска со Лекарската комора на Србија“ и дека станува збор за „постапување на граѓанин надвор од работното време“.

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Охрид почнува Преспа форум за дијалог: Кој се доаѓа во Македонија

Редакција

Убава вест: 573 оздравени од Ковид-19

Редакција

Каков имот пријавил судијата Исамедин Лимани, кој е избран за член на Судскиот совет

Редакција