еМагазин
Image default
Бизнис

АСОМ: Податоци за играчите се земаат како би се задржал данокот на личен доход во име и за сметка на државата

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на наводите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за наводно „перење на пари“ и злоупотреба на лични податоци во спортските обложувалници и го изнесува својот став по однос на наведеното од страна на институцијата.

„Податоци за играчите во обложувалниците се земаат од играчите како би се задржал данокот на личен доход во висина од 15% од сите добитни тикети. Овие податоци се земаат во име и за сметка на државата, а средствата се уплатуваат на дневно ниво во државната каса.

Обложувалниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат овие податоци и истите се користат исклучиво за плаќање на данокот на личен доход од 15% во име и за сметка на државата и за ниту една друга намена.

Пред наметнувањето на оваа давачка, спортските обложувалници никогаш не побарувале податоци или обработувале податоци од играчите, ниту имаат потреба од истите.

Дополнително, ДКСК во изјавата неосновано споменува „перење на пари“ без никакво образложение за истото. Нагласуваме дека не може да постои „перење на пари“ доколку за исплатените средства е пресметан и платен данокот на личен доход.

Обложувалниците уште од 2012 година се поврзани на Надзорниот информационен систем (НИС) на кој се евидентираат во реално време сите уплатени и исплатени тикети, со што евентуалната манипулација е сведена на нула.

Покрај на НИС, обложувалниците се поврзани и со Управата за финансиско разузнавање (УФР) до која се доставуваат податоци за уплати и исплати. Согласно ова, сакаме да констатираме дека државата предвидела ефикасен механизам за контрола на работењето на обложувалниците без можности за грешки.

Во однос на личните податоци на играчите, земените податоци од играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход, а тоа е на дневно ниво и до истите пристап има само обучен кадар кој работи согласно посебни протоколи и согласно позитивните законски прописи за заштита на лични податоци.

Податоци за играчите во обложувалниците може да се појават само и исклучиво ако играчот дојде да подигне исплата за тикет и ја приложи својата лична карта на увид, од која се запишуваат потребните податоци, според Законот за личен доход.

Не може податок за некој играч да се појави доколку лицето никогаш не остварило добивка и не оставило свои податоци при подигнување на исплата на тикет,“ се вели во соопштението.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија со жалење констатира дека ваквите информации ја доведуваат јавноста во заблуда и директно влијаат врз кредибилитетот на целата гранка.

„Ги повикуваме институциите на системот во целост да ги истражат отворените сомнежи, пред сé во интерес на спортските обложувалници кои работат согласно сите законски прописи во државата и немаат апсолутно никаков интерес од било какви финансиски малверзации и/или злоупотреба на лични податоци.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија е активен чинител во општеството и заедно со своите членки работи одговорно, создава услови за работа и кариера, придонесува во државниот буџет и делува на полето на општествената одговорност за поддршка на заедницата.

Игрите на среќа претставуваат силен импулс за државната и локалната економија, учествуваат со 4% во БДП на РС Македонија и придонесуваат со над од 250 милиони евра во државниот буџет, а целата стопанска гранка директно вработува повеќе од 8.000 луѓе, кои поддржуваат речиси 54.000 вработувања во други стопански гранки,“ се додава во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пораст на прометот на Македонската берза

Редакција

Оставка си поднесе заменик директорот на „Факом“, Бојан Јордановски назначен за ВД генерален директор

Редакција

Плаќањето со картички зголемено за три пати во однос на лани, велат од Народна банка

Редакција