еМагазин
Image default
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ги одмрзнува односите со претседателот, в петок средба на Пендаровски и Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на свое барање, денеска остварил телефонски разговор со шефот на државата Стево Пендаровски, со кого договорил во петок да имаат средба на која ќе разговараат во врска со осудените за случајот „27 април“ и за актуелните економски и политички состојби во земјава.

Како што рече Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите, на ваков начин се одмрзнуваат односите меѓу лидерот на партијата и претседателот Пендаровски, затоа што, како што посочи на земјава и е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители.

Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека во случајот со осудените за „27 април“ не бараат милост, туку само да им се суди за тоа што го направиле, а не за тоа што не го направиле.

Зошто на овие луѓе, рече Мицкоски, ако има нови докази, нови моменти не им се даде можност да бидат судени од почеток во еден фер процес. Правдата, потенцира Мицкоски, треба да биде еднаква за сите и ако имало повторување на судење за други случаи тоа може да се направи и во овој случај.

Мицкоски со Пендаровски ќе разговара и за актуелната економско-политичка состојба во државата, па и за прашањето со Бугарија, но, од партијата повеќе детали најавуваат по одржувањето на средбата.

Во врска со ова прашање од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека е потребно единство и заеднички документ на сите чинители дека за одредени прашања нема преговори. Ако тоа го направевеме порано кога ВМРО-ДПМНЕ го побара тоа, вели Мицкоски, денеска на маса можеби би ја имале понудата да отпочнат преговорите и паралелно да се разговара со Бугарија.

Од ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека се додека од земјава има соговорници на оваа тема ќе добиваме дополнителни услови.

Според Мицкоски, по последните изјави на претставници на ЕУ, јасно е оти земјава нема да добие почеток на преговори и нема да се одржи првата меѓувладина конференција за време на португалското претседателство.

Разговори со Бугарија, рече Мицкоски, не се можни, бидејќи земјата е во конфузна ситуација, најверојатно нема да има влада, и ќе има некоја техничка до нови избори.

Според него, поради овие околности, како и скорешните претседателски избори во Бугарија можно е тоа да не се случи и за време на словенечкото претседателство.

Непочнувањето на преговорите, нагласува лидерот на опозицијата, е знак дека ЕУ не дава ништо за возврат на се она што земјава досега го направила и тоа треба да се промени.

Одмрзнувањето на односите со Пендаровски, Мицкоски го оцени како поддадена рака во, како што нагласи можеби најтешките историски времиња на нашата државност. Во една таква ситуација, потенцира, некој морало да преземе чекор во интерес на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ минатата година соопшти дека ќе ги замрзне односите со претседателот на државата откако тој по парламентарните избори одлучи да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Илија Димовски: Да се определи рок до кога ќе важи новото име, во случај да се распадне ЕУ

Редакција

„Титаник 3“ ќе продолжи на 17 април

Редакција

ЕУ не признава бојкот: Хан побара политичките лидери да ја почитуваат одлуката на мнозинството

Редакција