Граѓани од другите градови каде што има вакцинални пунктови, успеваат да се вакцинираат против Ковид-19 и без закажување на термин.
Според информациите на „еМагазин“ на вакциналниот пункт во Штип граѓани си ја пробуваат среќата за вакцинација без да имаат термин, и често се вакцинираат на тој начин.
Како што раскажуваат жители на Штип за „еМагазин“, тоа се одвива на тој начин што, на поминување од вакциналниот пункт, доколку нема гужва застануваат и прашуваат дали може да се вакцинираат, и често не се одбиени.
Некои пак си ја пробуваат среќата кога со сопругот или сопругата одат на закажан термин за само еден од нив.
Во врска со вакцинирањето на граѓаните надвор од Скопје, без термин, министерот за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека нема такво нешто, барем според информациите кои ги добил од раководителите на вакциналните пунктови.
Но, имајќи ја предвид крајната цел, да се имунизира што поголем број од населението, најверојатно ова и не се перцепира како проблем.
Според информациите од Министерство за здравство, интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 429.464 граѓани.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со 29 мај вакцинирани се вкупно 233.844 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 304.904 дози вакцини, а ревакцинирани се 71.060 граѓани.
Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 34 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Немам информација дека луѓе се вакцинираат преку ред и без закажан термин, вели Филипче
Фото: МЗ