Премиерот Зоран Заев за време на еднодневната работна посета на Република Турција се сретна со претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.
На работната вечера во Истанбул, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, Заев и Ердоган разговарале за взаемните пријателски односи исполнети со динамична соработка во повеќе области, информираа од Владата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Турција ќе ѝ донира на Македонија 30.000 вакцини на „Синовак“
Премиерот Заев за време на средбата ја потенцирал исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турските компании да инвестираат во Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски.
„Економската и трговската соработка се витални, рече за време на работната вечера премиерот Заев и додаде дека во таа насока се очекува поинтензивна динамика со новиот договор за слободна трговија кој е во подготовка, кој има за цел да отвори повеќе врати за турските инвеститори.
Премиерот Заев и претседателот Ердоган споделија дека Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, се поврзани и со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка, како и во борбата против тероризмот согласно со домашното право на двете земји, како и со меѓународното право,“ информираат од Влада.
Ердоган потенцирал дека и покрај пандемијата двете земји имале одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Македонија.
На средбата во Истанбул било истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството, велат од Владата.
Фото: Влада