Свештеникот на МПЦ-ОА, од Преспанско-пелагониската епархија, отец Стефан Здравевски од Битола, продолжува да ја скандализара јавноста.
Здравевски кој доби казна од државата поради непочитување на препраките за заштита од пандемијата со Ковид-19 и кој јавно протестораше поради одлуката на судот со која, како протерејот на црквата Св. Недела, треба да плати илјада евра поради фрлање на крстот за празникот Богојавление, кога целата МПЦ-ОА ги почитуваше препораките на државата, деновиве е повторно во фокусот на црковата јавност и продолжува со скандалозното однесување и на социјалните мрежи, пишува religija.mk.
Свештеникот на социјалните мрежи јавно зборува против процесот на вакцинација, доведувајќи ги во заблуда и верниците и јавноста, пласирајќи еретички тези дека со примањето на вакцина луѓето го примале ѓаволот, повикувајќи ги верниците да не се причестуваат кај свештеници кои се вакцинирале, пишува порталот.
Прагот на толеранција кај овој свештеник ги поминува сите граници, е реакцијата на голем број верници на МПЦ-ОА, кои алепираат пред се надлежниот епископ, а потоа и Синодот на МПЦ-ОА да преземат мерки за негово расчинување.
-Навистина е срамно што Валадиката г. Петар ова го толерира. Тој постојано на проповедите в црква зборуваше за опасноста од вирусот, и лично самиот беше сведок како изгледа борбата со вирусот. Зошто тој лично не му прнесе на овој свештеник за неговото искуство, вели за религија.мк, битолчанец револтиран од ваквата толеранција.
Револтот меѓу верниците расте и кон Синодот на МПЦ-ОА, а тоа може лесно да се забележи и на социјалните мрежи. Верници прашуваат дали овој став на Отец Стефан е и став на МПЦ-ОА, пишува порталот.
-Додека владиците си молчат овој свештеник си прави имиџ на голем месија. Молчејќи да не им се случи на владиците сериозен проблем. Што е МПЦ-ОА, црква која се води по каноните, или парацрква која се води по бабини-деветини и бајачки?
Каква е оваа дрскост свештеник да повикува некој да не се причестува кај свештеник кој се вакцинирал? Па се вакцинираше Рускиот Патријарх, Вселенскиот патријарх, Архиепископите на Атина, на Тирана, монасите на Света Гора и сите други во православните цркви. Што се сите тие еретици?
Сите тие се духово неписмени, а некојси поп од Господ да не е пратен?, вели соговорник за порталот, посочувајќи дека и самиот отец Стефан е сведок колкумина свештеници, негови колеги починаа поради Ковид-19.
Здравевски е свештеник на МПЦ-ОА, кој во минатото застапувал и политички ставови. Овој свештеник во 2018 година се поврзуваше и со еден друг случај во кој одбил да изврши опело на починат човек, само затоа што имал различни политички ставови од неговите, пишува религија.мк.
МПЦ се оградува од изнесените лични ставови на свештеникот Здравевски од Преспанско-пелагониската епархија
Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија соопшти дека го поддржува процесот за имунизација на населението, сметајќи го за потребен во надминувањето на кризата со коронавирусот.
Во таа насока, САС на МПЦ-ОА, како што се посочува, се оградува од изнесените лични ставови на свештеникот Стефан Здравевски од Преспанско-пелагониската епархија искажани околу сесветската пандемија од Ковид-19, што не се во согласност со учењето и исповедањето на православната вера.
Од САС апелираат до верниот народ, свештенството и монаштвото, да не бидат воведени во заблуда од ваквите погрешни ставови, внимавајќи и на пројавената намера за создавање култ од нечија личност.
-Се препорачува на епархискиот архијереј да ги има предвид изјавите и повиците на споменатиот свештеник и да постапи согласно на своите надлежности, стои во соопштението од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија.