Извештајот на УНЕСКО за Охридското езеро треба да се прими како силен аларм за состојбата. УНЕСКО нема да дојде тука и да ни води грижа за целиот Охридски регион, туку тоа е наша обврска, на институциите, на централните, на локалните и на граѓаните.
Ќе продолжиме понатаму со сите активности како што се отстранувањето на бесправно изградени објекти, средување на природниот тек и аспект на поставување на плажите околу Охридското езеро, ќе продолжиме со доизградба на Колекторскиот систем, прочистителните станици кои во минатото се уништени и сето она што значи нормален развој согласно планот за управување со Охридското езеро и Охридскиот регион.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашање од пратеникот Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците. Посочи дека денеска за жал сме исправени пред евентуална одлука во јули да биде доведена во опасност заштитата под УНЕСКО.
Тоа, потенцира, некогаш е нешто добро некогаш е нешто лошо, но дефинитивно е сериозен аларм за сите, за институциите најповеќе, но и за граѓаните, затоа што ако еднаш го изгубиме статусот на заштита од УНЕСКО тогаш ќе нема ниту туризам, ниту живот така како што го замислуваме околу Охридското езеро.
– Каков и да е извештајот треба да го прифатиме како реален ако сакаме да го вратиме така сјајот на Охрид како што е предвидено согласно УНЕСКО. Владата преку Министерството за транспорт и врски работи детален план за целото крајбрежје на Охридскиот регион и го финансира со цел тука рака да стави централната власт и државните институции, а не да биде на локалните самоуправи, заради тоа што тоа е наше национално богатство кое треба дополнително сите заедно да го заштитиме.
Со години, децении не се направило ништо во полза на заштита на Охридскиот регион, напротив се правело како да се наштети работејќи спротивно на законите и на сето тоа што се препораки согласно УНЕСКО, рече Заев.
Појасни дека како Влада јавно го поздравиле тоа што Општина Охрид го прави со рушење на сите тие бетонски изданија на плажите и враќање во нивната првобитна состојба, како и почетоците на исти такви активности во општина Струга.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА