еМагазин
Image default
Македонија

Расте бројот на заболени од Ковид-19 во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево, можни рестрикции наесен за невакцинираните

Има зголемен број заболени од Ковид-19 во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево, меѓутоа нема простор за паника. Ситуацијата е стабилна, нема голем број пациенти кои се лекуваат во болниците, вакцинацијата добро се одвива и тука ставаме фокус. Размислуваме за рестрикции во есенските месеци по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории во смисла на тоа да се бара задолжителна потврда за вакцинација, а дотогаш ја следиме ситуацијата, рече министерот за здравство Венко Филипче во гостување на вестите на Канал 5 телевизија.

Посочи дека некаква форма на рестриктивни мерки или контрола во смисла на барање тестови на граници, не треба да се воведат. Во врска со тоа дали се надева дека до крајот на летото ќе стекнеме колективен имунитет рече дека многу е битно да се вакцинираат што поголем број граѓани.

– До крајот на август доколку продолжи ова темпо, вкупниот број вакцинирано население ќе достигне 40 проценти, не знаеме дали ќе биде тоа темпо и понатаму, а тоа не е доволно. Треба многу поголем број граѓани да аплицираат за вакцинација, да се јават во вакциналните пунктови за да го достигнеме тој колективен имунитет, истакна Филипче.

Секојдневно, потенцира, ја следиме ситуацијата, ги анализираме и бројот на заболени од Ковид-19, но и податоците од епидемиолошките анкети.

– Засега согласно тоа што се случува во делот на дијагностиката, болничкиот третман, прво во болниците нема силен притисок за хоспитализација и второ нема голем број пациенти, континуиран е бројот, некаде четири до пет во изминатите две до три недели во амбулантите. Од тие четири до пет некогаш се дава индикација за хоспитализација, а некогаш не се дава.

Врз основа на бројот на пациенти кои се наоѓаат во болници, врз основа на бројот на новодијагностицирани пациенти засега сметаме дека некаква форма на рестриктивни мерки или контрола во смисла на барање тестови на граници, не треба да се воведат.

Но, будно ја следиме ситуацијата, ќе видиме дали ова е само еден инцидентен скок или трендот ќе порасне и понатаму ќе одлучуваме врз основа на тие податоци, рече Филипче.

Во врска со вакцинацијата, посочи дека околу 510 илјади граѓани се вакцинирани од кои 381 илјади се ревакцинирани.

– Околу 63 отсто од вкупното население над 70 години е вакцинирано. Тој процент за граѓаните над 50 години е 45 проценти и понатаму опаѓа како се намалуваат возрасните групи и тука сме фокусирани. Околу 58 проценти се вакцинирани вработените во секторот образование, околу 60 проценти во градинките.

На тие два сектори сериозно внимание посветуваме, работевме изминатите денови со министерствата за образование и труд и социјална политика да се повикаат повторно вработените во што поголем број да се вакцинираат заради тоа што тоа е единствениот начин да смени сликата за епидемијата, нагласи Филипче.

На прашање дали ќе се воведат рестрикции, рече дека размислуваат за форма на рестрикција во есенските месеци кога имаме дополнителен број ризик фактори заради тоа што луѓето повеќе ќе бидат во затворени простории, ќе се вратат и од годишните одмори.

– Размислуваме за рестрикции по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории во смисла на тоа да се бара задолжителна потврда за вакцинација, а дотогаш ја следиме ситуацијата.

Сигурно дека ќе воведеме некаква форма на рестрикција, дури и во следниот период ако заклучиме дека за тоа има потреба и дека тоа може на некој начин да ја смири ситуацијата. Овие мерки ќе важат за тие кои не се вакцинирани.

Има мерки кои веројатно ќе продолжат да важат и понатаму, тоа се маските во затворен простор, меѓутоа зошто да ги доведуваме во опасност сите. Точно е дека можат да се заразат и луѓе кои се вакцинирани, меѓутоа вакцината штити од тешка форма на болеста и сериозно го намалува ризикот од смртен исход и тоа е суштината.

Во следниот период од веројатно една година, можеби две, има секакви прогнози, ќе живееме со вирусот. Тој ќе биде присутен. Многу веројатно е дека ќе дојде и некоја следна мутација, а тоа не значи дека ние ќе живееме и треба да живееме со рестрикции. Битно е граѓаните да се вакцинираат во што поголем број, рече Филипче.

Продолжуваме, додаде министерот, и со кампањата за подигнување на свеста, функционираат сите вакцинални пунктови во здравствените домови, продолжува системот на ротација со теренската вакцинација и посебните апели во делот на образованието и вработените во градинките за што поподготвени да ја пречекаме есента.

МИА/фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонците во Германија бараат од Европа да ги заштити нивните права, и најавуваат тужба за државата поради пасошите

Редакција

Детален преглед на состојбата со заболени од Ковид-19 во македонските болници

Редакција

Река со протестна нота поради вклучувањето на Имер Селмани во кампањата на Пендаровски

Редакција