Три пожари се активни на територија на цела држава и тоа кај селото Раовиќ и село Буковиќ кај Сарај, потоа меѓу селата Барово и Вешје во општина Демир Капија и во селото Горно Мелничани во Дебар.
Портпаролката на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Надица Вчкова на претпладневната прес-конференција нагласи дека засега нема информации дека некој од пожарите претставуваат опасност за селата и објектите.
Пожарот кај Сарај утрово има тенденција да се разгори и се простира од селото Буковиќ кон селото Чајлане и Матка. На терен се 50-тина припадници на Министерството за внатрешни работи и неколкумина француски експерти за гаснење на пожар.
Пожарот меѓу селата Барово и Вешје е проширен кон висорамнината Витачево, односно кон село Страгово во општина Кавадарци каде гори нискостеблеста шума на тешко пристапен терен.
– Пожарот се шири на повеќе краци, а во текот на ноќта интензитетот беше најјак во реонот на селото Барово, село Бесвица и во правец на село Вешје. Денеска од раните утрински часови, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, директно на терен координираше со активностите за гаснење на овој пожар на отворен пожар каде што огнен крак проширен и кон висорамнината Витачево.
Директно од терен се одлучува и за методите и тактиките што во моментов е можно да се применат до крајот на денот, а ако е потребно и ангажирање на хеликоптерскко противпожарно дејство.
Денеска од утрово директорт на ЦУК, Ангелов оствари куса координативна средба во Берово со градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров, а и локалните сили и дел од месните жители, рече Вчкова.
Интервенираат 60 припадници на МВР, 50 припадници на АРМ заедно со ангажираните сили од субјектите на системот за управување со кризи здружени од повеќе општини.
Припадниците на полицијата што ноќеска дежураа над Барово се веќе повлечени, а вчера францускиот експертски тим дејствувал со контра пожар за создавање на безбедносна одбранбена линија над селото.
Во пожарот во атарот на селото Горно Мелничани во општина Центар Жупа гори букова шума и од утринава испратени се на терен четири пожарникари од Дебар, 10 вработени од ШС „Стогово“ од Дебар, припадници на полиција од ПС-Дебар, градежна механизација и вработени од општина Центар Жупа.
Според информациите од ЦУК, пожарот кој вчера избувна меѓу селото Црвена Вода и планинарскиот дом „Китка“ е ставен под контрола, иако на опожарените места се уште чади поради догорувањето на корењата и гранките.
Локализиран е и пожарот на подрачјето на општина Кратово во местото викано Кормина близу селото Ерменица, а целосно изгаснати се пожарите во атарите на селата Грумази и Ивени во општина Новаци, запалената депонија во Радовиш, како и пожарот кај селото Шипковица на планината Плачковица.
МИА/Фото: МО