еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Tрговците сметаат дека ковид-мерките ќе го уништат секторот, порачуваат дека трговските центри не се места каде што се шири вирусот

Трговските центри и трговците бараат од Владата да ги ревидира новите ковид-мерки, бидејќи како што велат уште од самиот почеток на пандемијата, во март 2020 година, трговските центри во земјата ја изразија својата огромна поддршка во борбата против Ковид-19.

И покрај тоа што трговските центри и закупувачите претрпеле големи загуби, како од финансиски, така и од човечки аспект, сите барања, прописи и протоколи беа бескомпромисно имплементирани и со најголеми заложби за општата безбедност, велат од таму.

„Сега, перцепцијата на трговските центри и на луѓето што работат во нив е како да се тие причина за ширењето на вирусот, иако фактите говорат поинаку. Имено, во периодот кога немаше рестрикции за невакцинираните посетители, бројот на заболени беше дури под 5, што е апсолутен показател за тоа дека трговските центри не се места каде што се шири вирусот.

И додека трговските центри и трговците се обидуваат да застанат на нозе од големиот удар и да ги надоместат големите загуби, оваа одлука само ќе придонесе за целосно уништување на секторот,“ се вели во соопштението.

Од таму додаваат дека трговските центри се места во кои се следат сите строги протоколи и мерки на претпазливост како задолжително носење маски, ограничувања на бројот на посетители во продавниците, нова редарска служба, која овозможи и нови вработувања, сигнализации за одржување на растојание, сигнализации за одредување насока на движењето, достапност на средства за дезинфекција на речиси секој чекор, распоред за дезинфекција на сите места на контакт со посетители, редовна хигиена и дезинфекција на сите системи за вентилација.

„Ако го земеме сето ова предвид, дозволете ни да го искажеме нашиот искрен револт, бидејќи трговските центри не може да сносат вина за ниските стапки на вакцинирање, од една страна, и масовноста и агресивноста на делта-варијантата и сѐ поголемите бројки на заразени, од друга страна.

Во ситуација во која токму трговските центри апелираа за кампања за подигнување на јавната свест за вакцинација, околу нас се случуваше следното: организација на настани и свадбени прослави, повици за присуство на концерти, фестивали и други настани, влез на странски државјани без доказ за вакцинација и негативен ПЦР тест.

Ако Владата смета дека рестрикциите за трговските центри се вистинскиот и најдобриот начин за мотивација на граѓаните за вакцинирање, и притоа таквата одлука е обмислена, најавена и конструирана со период за анализа и подготовка, тогаш ние на драга волја би ја поддржале таа одлука, во име на излез од кризата.

Но, не и во ваков случај. Не можеме ние, и единствено ние, трговските центри, да бидеме одговорни за ниската стапка на вакцинирани.

Она што го гледаме ширум Европа можеби делува слично, но не е. Одлуките беа донесувани со најава и подготовки, а беа поддржани со силни кампањи за подигнување на јавната свест за неопходноста од вакцинирање.

Притоа, речиси сите земји имаат рестрикции за влез и рестрикции за настани, а немаат рестрикции за влез во трговски центри. Тоа е случај во многу мал број на земји каде што има малку рестрикции околку трговските центри. Исто така, во голем број земји, трговските центри соработуваат со владите и самите тие функционираат како пунктови за вакцинација.

Се најдовме во сосема друга, непосакувана ситуација. Се доживуваме како казнети, а реалноста е дека трговските центри се речиси празни. Нашите трошоци и загуби растат од ден во ден, а бројот на вакцинирани, за жал расте со мала стапка,“ се додава во соопштението.

Од таму апелираат за поразличен пристап, наместо воведување на рестрикции за луѓето, одлуките на Владата треба да ги мотивираат граѓаните и да се пронајде решение на овој проблем.

„Новите рестрикции имаат ограничено дејство и засега кај дел од луѓето предизвикува спротивен ефект од посакуваниот, што може да се предизвика поголем проблем.

Би сакале да побараме што поскоро укинување на рестрикциите за невакцинираните граѓани и што поскоро наоѓање друго, алтернативно решение.

Нашата молба е во суштина повик за помош и разбирање, и е оправдана со нашите реални потреби и проблеми – ако ваквата ситуација продолжи и ако функционираме со драстично намален број на посетители, голем дел од трговците и брендовите ќе бидат приморани да ги затворат своите бизниси, што драстично ќе влијае на голем број вработени и нивните семејства, за кои секојдневната егзистенција ќе стане сѐ потешка и потешка.

Апелираме да се лоцира проблемот надвор од трговските центри и да се работи поодговорно и поинтензивно на стапката на вакцинирани, а не да се доведуваат трговците и вработените во незавидна положба.

Стоиме на располагање за каква било соработка, помош и поддршка во борбата против Ковид-19, и се надеваме на разбирање на нашите ставови,“ се додава во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Новите ковид-мерки ги испразнија трговските центри: Прометот во Сити мол намален за 40 проценти

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Си беше еднаш” е ковчеже со најубавите бајки што ќе останат во наследство за следните генерации

Редакција

Полицијата возвратила со пукање кон двајцата уапсени за убиството кај Мавровка, едно лице е во бегство

Редакција

Tриглав Осигурување со зголемена добивка во првите девет месеци

Редакција