Над 40 фиктивни вакцинации биле внесени во системот за вакцинирање во болницата во Палама, поширокиот регион на грчкиот град Кардица, а по интервенција на министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис ќе се спроведе внатрешна истрага, како и од Обвинителството, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот „Алитиа“ од областа Тесалија, го откри скандалот и пишува дека вработена во администрацијата на болницата, влегувала во системот за вакцинација и внесувала вакцинации на лица кои никогаш не се појавиле во конкретниот центар за вакцинација.
Според информациите на весникот, досега биле откриени 47 фиктивни вакцинации, кои можно е да се однесуваат само на месец август.
Веројатно, целта на вработената била издавање на сертификати за вакцинација на лица кои не сакаат да се вакцинираат.
Министерот Плеврис преку неговиот официјален „Твитер“ профил соопшти дека за случајот веднаш контактирал со раководителот на здравствениот центар, побарал да се спроведе внатрешна истрага и да го информира Обвинителството.
-Спроведувањето фиктивни вакцинации е сериозен дисциплински прекршок со криминални димензии што го загрозува јавното здравје. Разгледуваме зајакнување на рамката за елиминирање на такви однесувања, напиша Плеврис и додаде дека оние кои ја прекршиле нивната заклетва и ќе бидат откриени и ќе одговараат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се шетаат ли низ Македонија „лажно“ вакцинирани граѓани?
МИА/Фото: МЗ