еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Бугарскиот претседател Радев бара Македонија да ги почитувала човековите права

Бугарија очекува ефективни дејствија од институциите на Европската Унија за валоризирање на вредностите на демократијата и почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија.

Ова го изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев денеска за време на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Радев на средбата со Вархеји истакнал дека декларациите и ветувањата во дијалогот со Република Северна Македонија повеќе не функционираат и Бугарија очекува јасни правно обврзувачки одлуки што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Радев, ова ќе го забрза процесот на европска интеграција за Република Северна Македонија.

Бугарскиот претседател го потсетил Вархеји дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија потпишан во 2017 година не се спроведува и Скопје, според Радев, сè уште не го решил проблемот со говорот на омраза и всадување лажна слика за Бугарија во учебници, музеи и споменици, како и во однос на правата на граѓаните кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест.

Претседателот на Бугарија Радев за време на разговорот со еврокомесарот Вархеји истакнал дека „120.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија се државјани на Европската Унија, и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права“.

Напредокот во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан исто така беше во фокусот на разговорот меѓу Румен Радев и Оливер Вархеји.

– Бугарија е најзаинтересирана да ги види своите соседи во Европската Унија, но за тоа е потребно целосно исполнување на Копенхашките критериуми за членство на Република Северна Македонија, особено почитување на човековите права и принципите на добрососедство, кои се основа на европската соработка, нагласил бугарскиот претседател.

Заедничкиот став бил дека во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан и решавање на спорните прашања, најважен е директниот и отворен дијалог.

По Софија, еврокомесарот Оливер Вархеји ќе ја посети Република Северна Македонија, каде што ќе се сретне со нејзиниот државен врв.

МИА/Фото: Фејсбук/Радев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа четири лица од Ковид-19, едно од нив надвор од болница

Редакција

Семејство од Тетово обвини дека нивен член починал поради недобивање помош од лекарите, од болницата најавија мерки

Редакција

Генералниот секретар на ОН, Гутереш: Запрете ги војните, да се бориме против коронавирусот

Редакција