„Скопје филм студио”, продукциската куќа на долгометражниот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов Изи, склучи договор со Јавната медиумска групација од САД (Public Media Group of Southern California) за дистрибуција на филмот за американскиот пазар, информираат од таму.
Со овој договорот, „Public Media Group“ се здобива со лиценца за прикажување на филмот на повеќе канали и медиуми. Во рамки на оваа Групација, филмот ќе биде достапен на територијата на САД на сите нивни канали, преку директен сателитски пренос и преку интернет протокол за ТВ (IPTV).
Со потпишувањето на овој договор, македонскиот игран филм „Хомо“ станува достапен за гледачите во Соединетите Американски Држави (САД).
„Овој чекор претставува голем успех за продукциската куќа „Скопје филм студио“, кој претставува показател за континуираната и посветена работа за третманот на продуцираните македонски филмови во форма на емитување и прикажување, не само на македонскиот, туку и на пазарите во Европа и пошироко.
По серија учества на голем број реномирани филмски фестивали, „Хомо“ својот филмски пат го продолжува на светскиот пазар и продолжува да е вистински Амбасадор на македонската кинематографија, континуирано давајќи придонес и промовирајќи го македонскиот филм во меѓународни рамки,“ се вели во соопштението.