Советот на Општина Чаир денеска на вонредна седница одлучи да им се додели парична помош на семејствата чии роднини ги загубија животите во трагичната несреќа што се случи вчера во Бугарија.
Како што информираат од Општината, едногласна била одлуката средствата предвидени за украсување на територијата на Чаир за новогодишните празници да бидат распределени на семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Бугарија.
– Советот едногласно ја одобри одлуката. Тоа значи дека од сметката 425990, програма Е0 одбиваме 1.200.000 денари и истите ги додаваме на сметката 412110 програма А0 – постојани резерви, изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Советот на општината формираше и комисија со претставници од сите партии во Советот на Општина Чаир и еден вработен од општинската администрација, кои ќе одлучуваат за распределбата на овие средства.
– Нека им е лесна земјата на оние што ги загубија животите, а нивните роднини, пријатели, колеги нека живеат и нека се сеќаваат на нив, изјави градоначалникот Ганиу.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ВИДЕО) Осум се деца: 12 лица од исто семејство загинаа во несреќата во Бугарија
Фото: МИА