Уште едно празно и безсмилено, во суштина и гротескно рочиште и сведочење во судот по предлог на Обвинителството во предметот „Плацеви на Водно”, напиша на Фејсбук, за вчерашното сведочење, пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски, на кого му се суди за овој случај.
„Последните два сведока кои ги предложило Обвинителството биле извесна Сузана Николовска и Драги Огњановски. Обвинителството веќе не знае што прави и зошто вика сведоци, иако имаат огромна моќ која произлегува од природата на нивната работа, но и од блиската спрега со актуелната власт.
Денешните два сведока се превземени од предметот „Титаник” со дадени искази уште во 2015 година и нејасна е врската со овој предмет.
Сузана Николовска не ја познавам, таа исто така кажала дека никогаш не се сретнала со мене. Таа кажала дека како советник на партијата во Општина Гази Баба донирала 200 илјади денари и подоцна уште 60 илјади денари, што се заедно е околу 4 илјади евра. Кажала дека донацијата ја предала на благајникот во општината, и не навела имe на тој благајник.
Вториот сведок Драги Огњановски кажал дека пред изборите во 2006 година по наводен повик на тогашниот градоначалник на Гази Баба, Коце Трајановски, донирал 300 илјади денари, што е приближно околу пет илјади евра, и за тоа имал каса прими издадена од тогашниот секретар на партијата, Гордана Јанкулоска. Кажал дека не ме познава лично и дека се надевал дека со таа донација ќе си обезбедел да не му ја „закачаат” фирмата.
Со овој сведок во посредство на мој роднина, се имам сретнато и подолго разговарано лично неколку пати по приватна основа некаде на почетокот на деведесетите години, отприлика некаде околу 1990-1992 година, кога уште бев студент и не бев вклучен во политиката.
Тогаш се сеќавам Драги само што почнуваше да се занимава со бизнис и продаваше канцелариски матерјали по фирми. Одтогаш, речиси 30 години, го немам ни видено, ни чуено, ниту некој ми го спомнал неговото име, ниту пак тој барал средба со мене. Донацијата на партијата од приближно 5 илјади евра, за која говорел, ако воопшто се случила, е 15 години подоцна, после нашите неколку средби.
Фактот што кажал дека не ме познавал ми отвори сомнеж и за другиот дел од исказот, во смисла дали и останатиот дел од приказната која ја кажал е точен.
Во меѓувреме, денес се распрашав за него и дознав дека подоцна, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, било откриено дека во неговата градежна фирма УЈП пронашла посериозни наоди за неплатен данок, по што се соочил со законски проблеми и веројатно матерјални издадоци, па бил доста лут на партијата која ја водев и се приклучил во партијата “Обединети за Македонија” каде на некои од изборите бил и носител на листа, а се испостави дека неговата и сопругата на претседателот на таа партија – Љубе Бошковки биле и роднини.
Инаку денес во распрашувањето за него разбрав дека најпрвин бил член или подржувач на ВМРО-ДПМНЕ, каде наводно во општинските комитети се преставувал и како мој роднина (што не е точно), па заминал во ВМРО НП, па во Обедините за Македонија, па којзнае каде е сега.
Незнам што се случило со неговата фирма каде неплатил данок по доаѓањето на СДСМ на власт и дали тоа има некаква врска со неговиот исказ, но тоа може да се провери. Дознав само дека во претходните години имал средби со Кирацовски од СДСМ и дека насекаде изразувал лутина кон поранешната власт, пред се заради наодите на даночната управа кои очигледно го погодиле.
Но, вистинското прашање е зошто воопшто се повикани овие сведоци од страна на Обвинителството? Што е целта, ако воопшто ја има, и што е нивната поврзаност со судскиот предмет за кој не судат?
Верувам дека не само јас, туку и самите сведоци биле збунети кога добиле покана за овој предмет, бидејки се свесни дека немаат никаква врска со тоа.
Најверојатна претпоставка е дека од Обвинителството сакаат да докажат дека од овие донации (доколку навистина се случиле, особено втората), а во вкупна вредност од 9 илјади евра (и со зборови: девет илјади евра), јас наводно сум купил станови и земјиште, за кое без никаков доказ или евиденција, Обвинителството тврди дека сум го платил еден милион и триста илјади евра
Имено, во овој предмет, согласно законите, Обвинителството треба да докаже дека од некаде сум земал пари со кои подоцна сум купил имот, како што велат тие вреден над 1,3 милиони евра. Бидејки не се случило такво нешто, тие се принудени да конструираат нешто. Во случајот се гледаат две работи, а тоа е дека ниту имаат најелементарен доказ дека сум купил имот, ниту доказ дека од некаде сум обезбедил пари за такво нешто.
Ниту пак реално може да имаат таков доказ, бидејќи немало такво нешто. Во една таква ситуација, тие се обидуваат одредени мали износи на наводни партиски донации, без никаков доказ да ги препишат дека јас сум ги земал и искористил за купување имот, и сето тоа без никаков доказ дека сум ги земал, напротив со сведочења дека не сум земал.
На ваков начин секој лидер на партија може да биде обвинет, со претпоставка, повторувам претпоставка, дека земал дел од партиските пари,“ пишува Груевски, меѓудругото на неговиот Фејсбук-профил.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Фејсбук/Груевски