еМагазин
Image default
Македонија

Османи: Не очекувам дека може да усвоиме преговарачка рамка, без конкретен термин за меѓувладина конференција

Не очекувам дека може да се случи да усвоиме преговарачка рамка, а да нема конкретен термин за одржување на меѓувладина конференција. Преговарачката рамка е документ на Советот на ЕУ, меѓутоа тој документ мораме да го прифатиме ние. Така што мислам дека нашиот став ќе биде јасен дека повеќе нема да прифатиме какви било чекори што ќе значат неизвесност за продолжување на процесот понатаму, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи во одговор на прашањето дали барањето на Бугарија да се усвои преговарачката рамка, а да не се даде датум би било преседан во однос на земјава и какви се реакциите од другите земји членки на ваквото барање од Бугарија.

– Во однос на преседанот кон нас се случија многу преседани. Чекањето 16 години со кандидатски статус беше преседан. Носење на одлука за започнување на преговори, а не одржување на прва меѓувладина конференција беше исто така преседан.

Така што, прашањето на преседаните веќе сме го виделе во однос со овој процес, истакна Османи, повторувајќи оти не очекува дека може да усвоиме преговарачка рамка, без конкретен термин за меѓувладина конференција.

Северна Македонија, рече Османи, имаше беспрекорен извештај на ЕК по однос на исполнување на критериумите, одржа политичка стабилност во државата, а тоа е важно, како што рече тој, затоа што доколку не би одржале политичка стабилност тоа би било аргумент плус за државата да не ги почне преговорите.

– Одговоривме на пакетот 5+1 што беше испратен од страна на Бугарија како предуслов за нивна поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Северна Македонија ги прати тие одговори, ги предадов лично на министерот Стоев уште за време на самитот на НАТО во Рига и мислам дека со тоа ние го комплетиравме нашето досие и навистина не треба да се впери прст кон нас поради која било причина за незапочнување на преговори, истакна Османи, додавајќи оти  разговорите продолжуваат понатаму.

Одговоривме, продолжи Османи, по однос на сите прашања и по однос на проблемот на краткото и долгото име, начинот како може да се реши тоа прашање.

– Одговоривме на прашањето на немешање во внатрешните прашања во соседните држави. Одговоривме кон барање за механизми за спречување на говорот на омраза во двете држави, рехабилитација на жртви на комунизмот, на барањето за внесување на Бугарите во Уставот и за работата на историската и образовната комисија.

Сметам дека ова е доволно за да може да се затвори ова прашање, меѓутоа чекаме одговор од страна на Бугарија по однос на тие ставови и кои се надевам ќе продолжат преку средба на високо ниво во наредниот период, рече тој.

Османи, појаснувајќи ја изјавата дадена за бугарската телевизија, дека во јануари би можело да се дојде до решение, истакна дека неговиот став е дека доколку се има политичка волја навистина не се потребни уште шест месеци да се одржи во неизвесност државата, европската перспектива и регионалната динамика.

– Вчера коментирав на прашање на бугарска телевизија дали шесте месеци што беа предложени се соодветен период за надминување на разликите и мојот одговор беше дека имајќи го предвид досегашниот тек во разговорите, тој термин е предолг за надминување на разликите и предолго е за почетокот на преговори за Северна Македонија, бидејќи, кредибилитетот на Унијата повеќе не може да издржи уште шест месеци, но и регионалната динамика тешко може да се одржи со дополнителни непредвидливи шест месеци и дека доколку се има политичка волја може уште јануари да биде наредната можност за надминување на разликите.

Тоа беше интерпретирано во јавноста како јас да сум го потврдил јануари како период кога ќе се надмината разликите, рече Османи.

Шефот на дипломатијата истакна дека сега се чека да се види ставот на новата политичка Влада во Бугарија.

– Сепак, досега комуникацијата беше со службената влада. Мораме да почекаме до првата средба, што премиерот Петков ја најави за јануари за да точно знаеме како понатаму со ова прашање.

Нашите позиции се јасни, тие се утврдени и во Собранието преку консензус, меѓутоа и во ставот што Владата конзистентно го комуницира до Бугарија. Ќе видиме сега кој е ставот на новото бугарско раководство, рече Османи.

Во однос на тоа дали веќе се работи на формирање на новите работни групи со Бугарија, Османи рече дека ставот на Петков за работни групи што ќе се фокусираат на теми од сегашноста и иднината се веќе предвидени како инструмент во Договорот за добрососедство од 2017.

– Договорот предвидува Меѓувладина комисија во која што учествуваат ресорните министри што ги покриваат темите од овие работни групи. Така што најдобриот начин е да се одржи состанокот на Меѓувладината комисија.

Меѓутоа, сепак, ќе видиме на оваа средба со премиерот Петков кое е неговото видување по однос на тие работни групи и дали тоа го предвидува во рамки на постоечкиот процес или како нови работни групи коишто би се формирале со тоа што еве ќе кажам јас – јас би преферирал да се вратиме на инструментите од Договорот, а тоа е реактивизирање на меѓувладината комисија, истакна Османи по средбата со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

МИА/Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судењето за „Монструм“ одложено поради смртен случај на еден од поротниците

Редакција

Мицкоски од Сиљановска Давкова мандатот за состав на нова влада ќе го добие идната недела

Редакција

Во тензична атмосфера и со прегласување донесен Законот за јавно обвинителство

Редакција