еМагазин
Image default
Македонија

Со изведување материјални докази од одбраната продолжи судењето за „Плацови на Водно“

Со изведување материјални докази од одбраната – стручен наод и мислење од вешто лице Кире Костов, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацови на Водно“.

Ова е второ вештачење на вештакот Костов, кој работи во областа на материјално, сметководствено и финансиско работење, што го изработил на барање на одбраната, а предмет на анализа бил преносот на сопственички удел од „Сирах лимитед“ на „Орка холдинг“ и дали тоа било согласно закон, како и со кои парични средства бил платен уделот.

На прашање од одбраната кога е извршен преносот, вештакот рече дека на 12.08.2015 година во Централен регистар е запишана промена, со која дотогашниот содружник „Сирах лимитед“ – Белизе истапил, а пристапил „Орка холдинг“ – Скопје.

– Преносот на удел е врз основа на договор. Постои документацијата за купување на уделот од Орка холдинг, согласно статутот и позитивните законски прописи. Купопродажниот договор изнесува 1.535 илјади евра. Купопродажбата е платена од „Орка холдинг“ на „Сирах лимитед“ со повеќе последователни трансакции. Плаќањата се прикажани во мојот стручен наод и мислење, изјави вештакот Костов.

Преносот на уделот, посочи вештакот, е уредно евидентиран во деловните книги.

– На 25.10.2016 година во Централен регистар запишани се промени на основачот на „Систина лајв кеар центар“ Скопје, со која истапил содружникот „Орка холдинг“, а пристапиле „Камчев консалтинг“ Скопје со удел од 870.675 евра и „Орка Фајненес“ Скопје со влог од 428.840 евра. Продажбата е уредно евидентирана во сметководствената евиденција, појасни вештакот Костов.

Прашан, дали за купената градежна парцела постои уредна документација, вештакот рече дека е склучен договор за недвижен имот од 6 илјади метри квадратни во КО Центар-2 од „Лајф кеар центар“ Скопје како продавач и „Супер трејд“ Скопје како купувач на 22.10.2018 година со вредност од 9.642.708 денари со ДДВ.

Прашан како се обезбедени парите за уделот од „Орка холдинг“ кон „Сирах лимитед“, вештакот рече, дека се платени со девизни дознаки преку „Стопанска банка“ Битола, а според денарските изводи на „Орка холдинг“ купувањето на девизните средства е извршено со денарски средства – сопственост на компанијата остварени од тековно работење и финансиски заеми, меѓу поврзаните друштва во рамки на компанијата и физичко лице.

Денешното рочиште започна со задоцнување од еден час, поради отсуство на адвокатот Петар Тимовски, бранител по службена должност на првообвинетиот Никола Груевски.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

428 казни за неносење маска

Редакција

Продолжува судењето за „Титаник“

Редакција

Функционер на ВМРО-ДПМНЕ и вработен во училиште фатен со кокаин, ќе биде исклучен од партијата

Редакција