Микробиологот Никола Пановски вели дека во оваа состојба на распространетост на омикрон сојот, задоцнети се какви било мерки, кои Комисијата за заразни болести би ги предложила.
„До сега немаше стратегија, допрва сега е, тапани после свадба. Како што Комисијата се сокри во мечкина дупка и на лето и на зима, нека си продолжи, затоа што до сега, само штета може да направи, со некакви небулозини мерки како што беше носење на маска на отворено, задолжителна вакцина по 45 дена, држење дистанца во кафеани или во училница со 35 деца,“ изјави Пановски за Канал 5.
Тој препорача да се скрати периодот на изолација, а според него, идеално би било, да бидеме први во светот по тргање на сертификатите.
„Тие се голема глупост без никакво научно и медицинско оправдание. Гледате како шират вакцинираните, исто како и невакцинираните. Ако не можеме да помогнеме со рестриктивни мерки, да направиме олеснителни мерки. Одложете ја школската година за две недели, додека заврши овој пик и децата да тргнат со физичко присуство, без задолжително носење на маски,“ додава Пановски.
Тој оценува дека сега амбулантите се оптоварени, бидејќи луѓето се уплашени и не може со сигурност да им се каже, дека лесно ќе поминат со омикрон сојот.
„Со настинка одат на доктор. Порано не сме оделе со настинка на доктор, па ни со грип. Амбулантите се преоптоварени и таму се шири болеста,“ објаснува Пановски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кои се најчестите симптоми на омикрон?