еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Против oмикрон сојот, ниту вакцините ниту прележаноста не даваат заштита од заразување, додека и двете даваат солидна заштита од смртен исход

Со сиот ризик ограничениот број на тестирања да нé доведе во заблуда, сепак мораме да констатираме дека факторот на раст (мерка на забрзувањето, слично како репродукцискиот број Rt) достигнал максимум и започнува да се намалува (на дијаграмот на првата слика), вели професорот Дејан Трајковски во неговата најнова анализа за ковид-состојбата.

„Тоа значи дека дневните броеви на новодијагностицирани ќе продолжат да растат, но не со толкаво темпо како до сега.

Исто така, врвот на факторот на растот (како и репродукцискиот број Rt) кажува дека сме веќе во горната половина од бранот, односно поблиску до врвот, отколку до подножјето.

Доколку тестирањата не нé залажуваат, тоа би значело дека за најмногу две недели би можеле да стигнеме до врвот на бранот и најголемите дневни броеви, коишто не би преминале 4.000 случаи.

Покрај ограничениот број на тестирања, намаленото тестирање за празниците исто така доведува до искривена слика на дневните броеви.

Стапката на позитивни тестови (на дијаграмот на втората слика) е помалку чувствителна на бројот на тестирања.

Заедно со дневниот број на нови случа таа продолжува да искачува и веројатно нема да запре додека не достигне 35%-40%, а денеска сме веќе на преку 25%.

Само во еден единствен ден, денеска лабораториски потврдено се заразиле преку 0,1% од популацијата на државата.

Користејќи го добро познатиот фактор 3, доаѓаме до заклучок дека само денеска се инфицирале преку 0,3% од популацијата.

Со овој процент (којшто допрва уште ќе расте) би ни биле потребни 3-4 месеци за да стигнеме до колективен имунитет од oмикрон сојот. Толку за новите случаи.

Да видиме сега малку лоши вести. На дијаграмот на третата слика забележуваме дека неделната инциденца на заразување на прележаните на милион лица (сината линија) нагло порасна и речиси се изедначи со инциденцата на непрележаните (црвената линија).

Соодносот на ризици достигна 0,94, односно ефективноста на прележувањето во спречувањето на заразување со омикрон сојот опадна на само 6%, што значи дека досегашната прележаност практично не дава никаква заштита од заразување со омикрон сојот.

За вакцините го констатиравме тоа уште пред десетина дена (ефективноста тогаш беше одвај 13%, а сега е сигурно и помала), така што отсега понатаму сите сме подеднакво изложени на ризик од заразување со oмикрон сојот.

Единствен исклучок (со ефективност од 50% до 70%) би биле вакцинираните со 3 дози.

Што се однесува до ефективноста од прележување против смртен исход, таа досега беше неверојатно висока, околу 99%. За околу две недели, со појавата на првите смртни случаи од oмикрон сојот, ќе можеме да правиме проценки и на таа ефективност.

Ако ништо друго, сега сме начисто дека ефективноста од прележување беше прилично повисока од ефективноста од вакцините (како против заразување, така и против смртен исход).

Против oмикрон сојот ниту вакцините ни прележаноста не даваат заштита од заразување, додека и двете даваат солидна заштита од смртен исход, којашто допрва ќе ја пресметуваме.

После лошите доаѓаат повторно добри вести, па така дијаграмот на четвртата слика покажува дека стапката на леталитет е во постојано намалување, што веројатно се должи на привршувањето со смртните случаи од делта сојот и доаѓањето на првите, помалубројни смртни случаи од омикрон сојот.

Кривата сé уште се намалува и не покажува знаци на израмнување, што значи дека можеме да се надеваме на уште помал леталитет, до 3-4 пати помал отколку од делта сојот.

Но, големиот број на новозаразени сепак нема да дозволи дневниот број на смртни случаи да се намали за исто толку пати.

Ориентационо, со двојно повеќе новозаразени отколку во априлскиот бран, но 3-4 пати помал леталитет, дневниот број на смртни случаи би можел да биде до два пати помал отколку тогаш, односно на врвот на смртните случаи би имале просечно до двесетина смртни случаи, а во некои денови до 30,“ пишува Трајковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф. Трајковски: Луѓето со омикрон сојот би требало да останат во изолација уште 5 дена по ослабувањето на симптомите

Проф. Трајковски: Сите коишто прележале пред јуни 2021 година, се потенцијални жртви на заразување со новиот омикрон сој

Доктор Лазаров: Повеќето ковид-пациенти прават тест дома и сами си одредуваат колку и дали ќе бидат во изолација

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Три млади лица загинаа во сообраќајка во Кичево

Редакција

Приведен инспектор од УЈП, побарал и примил пари за да изврши противправно службено дејствие

Редакција

(Фото) Пролетното време сред ноември донесе прекрасни виножита над Градскиот парк во Скопје

Редакција