еМагазин
Image default
Бизнис

Наместо за три дена, за два часа ќе се прават анализите за проверка на квалитетот на течните горива

За проверка на квалитетот на течните горива во земјава отсега ќе бидат потребни два часа наместо досегашните три дена. Испитувањата ќе се прават во лабораторијата која работи во рамки на Бирото за метрологија.

Лабораторијата е опремена со автоматизирана опрема со седум мерни инструменти и екипирана е со стручен кадар обучен за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот. Опремувањето чини 24 милиони денари.

Со ова, според надлежните, резултатите од анализите ќе се добиваат во кус временски период и во промет ќе се пуштаат само горива со проверен квалитет.

– Веќе на државата и на државните институции нема да им требаат по три дена за да направат тестирање за квалитетот на течните горива. Времето ќе се скрати до два часа што значи дека и економските оператори кои работат со промет на нафтени деривати побрзо ќе ги завршуваат работите и нема да чекаат на граничните премини, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната промоција на лабораторијата.

Од Министерството за економија и од Пазарниот инспекторат уверуваат дека нафтените деривати што се пуштени во промет во земјава се согласно прописите и дека се што е пронајдено на царина и во складовите со несоодветен квалитет, не е пуштено во внатрешен промет.

Тврдат дека цистерите во кои пред повеќе од година беше утврдено дека има надминување на параметрите за вода и пепел не се влезени во земјава, а вратен е и сомнителниот мазут пронајден во складовите.

– Можете да бидете сигурни дека се што е пронајдено во складовите и при царината со несоодветен квалитет, не е пуштено во внатрешен проблем, истакна директорката на Пазарниот инспекторат, Анета Симеска Димоска.

За компанијата „Евротим“ информира дека има добиено решение за забрана за вршење на промет, односно користење на мазутот со несоодветен квалитет, а преку посебна процедура, е извезен мазутот до фирмата од која е увезен.

Од јуни минатата година направени се над 15 контроли на бензинските пумпи низ државата и според директорката на Пазарниот инспекторат, анализите покажале дека квалитетот на бензинот и дезелот се во рамки на дозволените параметри согласно стандардите.

Постојани контроли, како што информира, се прават и за мазутот.

– Постојано вршиме контрола на мазутот при увоз во државата заедно со Царинската управа и исто така во периодот кога имаме земено мостри, во два случаја имаме пронајдено дека не соодветствува со квалитетот и преземени се соодветни мерки, меѓутоа во последниот период сите анализи што ги земаме покажуваат дека мазутот е со соодветен квалитет, истакна Симеска-Димоска.

Од Бирото за метрологија, каде функционира новата лабораторија, најавуваат дека во најскоро време ќе почнат и со постапка за проширување на акредитацијата.

– Со цел да се гарантира резултатот од анализите на квалитетот на мазутот, Бирото за метрологија, во најскоро време отпочнува со постапка за проширување на акредитацијата, во делот на тестирање на мазут, па заедно со мобилната лабораторија, во која од јануари 2020 година се врши тестирање на квалитетот на бензинот и дизелот, Бирото за метрологија ќе може да пружи комплетна услуга-тестирање на повеќе од 25 карактеристики, односно параметри на нафтата и нафтените деривати, посочи директорката на Бирото, Мерита Мустафаи.

МИА/Фото: Министерство за економија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Витаминка лани со добивка и раст на приходите

Редакција

Во блок-трансакација продадени акции од Стопанска банка Битола за 38.000 евра

Редакција

Колкакви надоместоци добил менаџментот на Европа лани

Редакција