Централниот одбор на СДСМ го именуваше потпретседателот Стефан Богоев за директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ.
„Останувањето на потпретседателот Богоев во партијата, кој во изминатите години извршуваше повеќе јавни функции, беше пратеник, градоначалник, со својот потенцијал, искуство и знаење ќе придонесе кон јакнење на капацитетите на СДСМ, подобрување на ефикасноста, начинот на работа и ќе допринесе во градење нов систем и пристап на градење и реализирање на политики,“ велат од СДСМ.
Богоев на неговиот Фејсбук-профил напиша дека „да се предводи Центарот за истражување и анализи на СДСМ за мене е голем предизвик, но и чест.“
„Ве убедувам дека СДСМ повторно ќе биде победничка партија која ќе креира политики за доброто на граѓаните и државата,“ напиша Богоев.
Централниот одбор синоќа, исто така донесе одлука со којашто започнува постапката за избор на претседатели и членови на секретаријати на 19 партиски комисии, стручни работни тела на СДСМ, кои имаат важна улога во креирањето и евалуацијата на мерки и политики на партијата.
Преку отворен повик кој јавно ќе биде објавен, вклучително и на интернет страната на СДСМ, сите заинтересирани членови и симпатизери кои ги исполнуваат условите, кои се стручни и компетентни, можат да поднесат кандидатури.
Со изборот на нови претседатели и членови на секретаријати се заокржува процесот за комплетирање на партиските тела согласно новиот концепт на работа, велат од партијата.
Фото: Фејсбук/Богоев