Укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, како и укинување епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите, се препораките кои денеска на состанок ги донесе Комисијата за заразни болести (КЗК).
– Денеска имавме редовен состанок на Комисијата за заразни болести. Најпрво ја разгледавме епидемиолошката состојба во државата и заклучивме дека моменталните услови ни овозможуваат да размислуваме за намалување на рестриктивните мерки и се согласивме да препорачаме укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор.
Од оваа мерка се исклучок здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз. За овие четири затворени објекти или како да ги класифицираме останува задолжителното носење на макси.
Од сите останати затворени простор маските може да се носат само по желба на индивидуите, но задолжително носење не се практикува веќе, истакна на прес-конференција претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.
Посочи дека станува збор за две крупни промени.
– Како што зборувавме повеќе недели наназад, ние ја проценуваме епидемиолошката состојба и планираме постепено олабавување на мерките, бидејќи не сакаме наеднаш да се соочиме со зголемен ризик. Овие препораки ги препраќаме до Главниот кризен штаб, додаде д-р Петличковски.
МИА