Министерот за финансии во Владата на Република Србија, Синиша Мали денеска изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ има за цел значително да го забрза протокот на стоки и услуги, да создаде единствен пазар на труд и подобри деловни услови за компаниите, што неминовно ќе доведе до побрз економски развој и повисок животен стандард на граѓаните на земјите потписнички на договорот во рамките Отворен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти српското министерство за финансии, на влезната (српската) страна на граничниот премин Прешево-Табановце е поставен знак „Отворен Балкан“, со кој се означува лентата наменета за превозници на компании од Србија, Северна Македонија и Албанија со статус на овластен деловен субјект (АЕО).
Министерот Мали најави дека ќе се продолжи со спроведувањето на иницијативата Отворен Балкан, со цел да се олесни бизнисот на стопанството и да се забрза протокот на стоки.
-Камионите не треба да чекаат со часови на границите, туку сите потребни процедури да се спроведат брзо и ефикасно, нагласи министерот Мали и додаде дека на овој начин се слуша гласот на стопанството и влијанието на натамошното подобрување на економскиот амбиент.
Тој напомена дека Отворениот Балкан е од големо значење за зајакнување на регионалната соработка и зајакнување на нашите економии и потсети дека во рамките на наведената иницијатива се потпишани договори кои освен за олеснување на трговијата треба да придонесат и за соработка во областа на храната, фитосанитарната и ветеринарната инспекција.
Како што се наведува во соопштението, Мали потсети и дека е потпишан договор со кој ќе се овозможи воведување единствена работна дозвола меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, што ќе направи да сме уште попривлечни за инвеститорите, кои ќе можат да добијат работници од сите три земји.
-Ги решаваме прашањата што ја мачат економијата, како што се чекањето на границите и комплицираните административни процедури или недостигот на работна сила. Сето тоа се работи кои носат многу придобивки за сите земји членки на Отворениот Балкан, заклучи Мали, соопштија од српското министерство за финасии.
МИА/Фото: Влада