еМагазин
Image default
Интервју

Гогова Кочишки: Преку интересни и едукативни дигитални книги, децата се вљубуваат во читањето

Pickatale е издавачка куќа основана во 2013 година во Норвешка и се занимава со создавање и издавање на дигитални детски едукативни, интерактивни и повеќејазични книги. Директорката Сања Гогова Кочишки за „еМагазин“ вели дека на единствен начин ја соединиле работата на писателите, илустраторите, нараторите и преведувачите од целиот свет и создале уникатни детски книги за кои како дополнување го создале и таканаречено пенкало за читање.

„Досега во нашата библиотека има преку 1.000 книги. Преку едукативна апликација за читање на паметен телефон и таблет децата го усовршуваат читањето“, вели Гогова Кочишки.

Која беше идејата за создавање на апликацијата и книгите?

– Тргнувајќи од фактот дека читањето е од огромна важност за развој на комуникациските вештини, а истовремено и од фактот дека децата растат во време на паметни телефони и таблети, идејата беше да им помогнеме на децата да се вљубат во читањето со тоа што самиот процес го правиме да биде интересно доживување преку користењето на дигитални уреди. Затоа ги создадовме овие интерактивни книги, пенкалото за читање и апликацијата за читање.

Како функционираат пенкалата за читање? 

– Интерактивните пенкала се всушност наменети за практично учење. На поголемите деца им го олеснуваат процесот на учење на странски јазик со тоа што пенкалото го чита и преведува текстот во книгата. Помалите дечиња го  користат за да можат сами да ја прочитаат, односно слушнат приказната.

Функционира на тој начин што детето го допира насловот на книгата, го избира саканиот јазик од корицата на книгата и понатаму пенкалото само ја раскажува приказната. Предонста на пенкалото е што дечињата имаат можност да ја слушнат нарацијата од наратор на мајчин јазик.

Како функционира апликацијата за читање книги?

– Со апликацијата децата можат лесно да научат да читаат така што ја следат нарацијата или го допираат секој насликан дел во приказната – зборот се појавува во пишана форма и во исто време се слуша нарација за правилен изговор на тој збор.

Во нашата библиотека можете да ги најдете адаптирани детските популарни класици, но и оригиналните Pickatale книги кои се создадени со многу љубов од преку 200 врвни писатели, илустратори и наратори. Дополнителна предност на апликацијата е фактот дека  доколку еднаш е симната книгата истата може да се чита и без интернет врска.

За која возраст се книгите?

– Книгите се наменети за дечиња од 0 до 12 години, а се поделени по категории. Книгите за дечиња од 0 до 8 години се поделени во неколку различни категории како што се авантури, книги за пријателство, а има исто така приказни карактеристични за разни земји и култури низ светот.

Книгите наменети за поголемите деца се таканаречени STEM (Sience, Technology, Engeneering and Math) односно едукативни книги кои обработуваат теми кои се интересни за нив како што се: наука, човечкото тело, животни од дивината, уметност и сл. И преку нив децата можат да научат нешто повеќе.

Додека пак темите во книгите наменети за помалите дечиња се однесуваат на развивање пред сè на социјалните вештини, односно од нив може да се извлечат морални поуки и на интересен начин децата ги учат бон-тон правилата, учат за другарство, еднаквост и  различност, одговорности во домот и сл.

На кои јазици ги има книгите?

– Книгите се преведени на повеќе јазици. Основниот јазик на кој е напишана книгата е англиски јазик и понатаму е преведена на повеќе јазици како што се скандинавските (норвешки, шведски и дански), како и на кинески јазик. Неколку книги се веќе  преведени и на македонски и албански јазик, а во наредниот период планираме да се фокусираме и на преведување и на останатите книги на овие два јазика.

Кои се идните планови на компанијата?

Во последниот период развиваме програма за изучување на англискиот јазик за ученици на кои англискиот не им е мајчин јазик. Апликацијата е наменета за ученици кои ќе бидат приклучени во групи со одреден пристап во виртуелна училница каде што ќе можат да го изучуваат англискиот јазик во своето слободно време и да напредуваат независно од групата.

Целта на апликацијата е со програмата да се мотивираат децата преку интерактивни приказни, тестови и игри и на тој начин да го изучуваат јазикот.

Oвој тип на апликација овозможува да се имплементират и училници во земји во коишто англискиот не се изучува како странски јазик во руралните средини (Индија, или земјите од Африка) каде што преку дополнителен прирачник ќе им помогнеме на наставниците да го организираат часот и ќе им овозможиме на тие дечиња да добијат можност да научат друг јазик.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Елена Младеновска-Јеленковиќ: Како лидер на пазарот „Тиквеш“ нуди винска едукација преку Wine Educator за сите вински ентузијасти

Редакција

Митевска: Спортот ме челичи, а пишувањето ме релаксира и ми го јакне умот

Редакција

Димчевски: Изучувањето на металургијата отвора бројни кариерни можности во нашата држава

Редакција