Орце Камчев денеска ја повлече тужбата за Зоран Милески-Кичеец во случајот „Рекет“.
Во судот во својство на тужени од Камчев, кој од нив бара 1,5 милион евра, беа донесени поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки-13, кои отслужуваат казна за „Рекет“.
Камчев во судницата објаснуваше како бил рекетиран и дека парите ги давал во неколку наврати, а му биле побарани дури 8 милиони евра.
Тој вели дека на една од средбите Јанева му рекла дека ќе излезе од притвор, каде беше за случајот „Империја“, и од тоа, според Камчев, нема поголема изнуда.
Камчев на судењето си ги побара назад парите кои беа изнесени од кај него дома.
„Средствата кои што ми беа изнудени и кои што ги барам како отштета, се мои сопствени средства кои што биле предавани преку други лица наведени во постапката, а за кои средства е потврдено дека се пренесени од мојата трансакциска сметка и за кои е платен данок“, изјави во судницата Камчев.
Јанева му реплицираше на Камчев дека халуцинира.
„Поарно да чита, бидејќи вака многу халуцинира. Нема цел ден да седиме со Камчев во судница, ние доаѓаме од затвор,“ рече Јанева во судницата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МИА