Со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Македонија даде уште еден силен аргумент дека припаѓа во НАТО и во ЕУ. Ова треба да биде препознаено и вреднувано од Унијата, со отворање на преговорите за Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан, од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на ЕУ, констатирале на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, информираат од Владата.
На средбата во Владата присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз.
-Помошник државната секретарка на САД, Донфрид, пренесе порака дека Северна Македонија е важен трансатлантски партнер на САД. Изразена е силна и недвосмислена поддршка од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за развојот и европските интеграции на Северна Македонија и за итно и неодложно отпочнување на преговорите со ЕУ, како прашање од стратешка важност за стабилноста на целиот Западен Балкан, наведува во соопштението владината прес-служба.
На средбата, како што се додава во соопштението, било истакнато и дека нашата држава, како членка на НАТО и земја кандидатка за ЕУ, функционира според принципите на демократските и европските вредности и дека во предизвиците што ги донесе војната во Украина, се постави брзо и целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ.
Заеднички било нагласено и значењето на стратешкото партнерство на Македонија со САД.
Премиерот Ковачевски се заблагодарил за традиционалното, искрено и континуирано пријателство на САД од независноста на нашата држава до денес и го оценил како исклучително важно во сите процеси на развојот на нашата држава, вклучувајќи го и остварувањето на двете државни стратешки цели, НАТО и ЕУ.
-Владата е фокусирана на животниот стандард на граѓаните и на надминување на последиците од светската енергетска, економска и воена криза и ќе продолжиме да се заложуваме за решенија на сите отворени прашања исклучиво со почитување на европските вредности и на основа на меѓусебна почит и достоинствен пристап во разговорите, рекол Ковачевски.
На состанокот станало збор за повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за значењето на иницијативата Отворен Балкан што ја унапредува регионалната соработка.
Фото: Влада