Премиерот на Бугарија Кирил Петков на официјалната Фејсбук страница на бугарската влада го поздрави откривањето на сторителот на палењето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков им се заблагодарил на властите во Република Северна Македонија и на премиерот Димитар Ковачевски за ефективно постапување, со што во најбрз можен рок го фатиле сторителот.
-Дефинитивно нема да подлегнуваме на провокации кои имаат за цел да ги саботираат односите со нашите соседи, пишува на фб статусот на бугарскиот премиер.
Медиумите во Софија ја пренесоа информацијата на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски за приведениот сторител на пожарот во културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, што се случи во саботата. Медиумите ја цитираат изјавата на Спасовски дека сторителот целосно го признал делото.
МИА/Фото: Влада