За неколку дена втор инцидент со расизам во Бугарија, за кој пишуваат светските медиуми.
Весникот „Дејли Мејл“ објави дека познатиот модел Наоми Кемпбел (52) се пожалила дека ја избрале за претрес на аеродромот во Софија само зошто е црна. Според весникот таа смета дека била дискриминирана на расна основа кога минатиот месец граничните служби ја запреле на аеродромот откако пристигнала во Софија за модно снимање.
Извор на весникот открива дека Кемпбел била видно вознемирена од тоа што се случило на 19 мај.
„Наоми беше многу вознемирена. Целата случка ужасно влијаела врз неа“, вели пријател на супермоделот за весникот.
Пред неколку дена, англискиот тренер Алан Пардју го напушти бугарскиот прволигаш ЦСКА Софија поради расистичкото однесување на дел од навивачите на клубот. На мечот со Ботев, четворица црни играчи на овој клуб беа навредувани и кон нив беа фрлани банани.
Од софискиот аеродром информираа дека почнале истрага по објавените текстови во британските медиуми за Кемпбел.
Фото: Фејсбук/Кембел