Што правите кога сакате да патувате некаде? Веројатно си ги поставувате следниве
прашања:
– Кој е најдобриот начин да се патува до таму? Што ако има застој во сообраќајот? Дали е подобро да се оди со автомобил или со автобус? Треба ли некој да ме однесе до таму?
Проценете ги опциите што ви се достапни. Поставете си прашања за тоа што треба да направите, а потоа донесете ја вашата одлука. Одговорите на овие прашања се дел од процесот на планирање.
Планирањето може да биде краткорочно, среднорочно или долгорочно.
Исто е и со личното финансиско планирање, само што се планира на подолг временски период. Идеално би било да планирате сѐ до вашите години за пензионирање.
Личното финансиско планирање значи поставување прашања за вашата сегашност и иднина, за вашите желби и цели. Треба да размислите за она што сакате да го направите во вашиот живот, како што се купувањето автомобил или куќа, стапувањето во брак, одгледувањето деца, нивното школување и слично.
За да ги остварите вашите животни желби и цели, треба да ги планирате вашите финансии. Личното финансиско планирање го опфаќа вашиот буџет (расположливи средства), заштедите и трошоците со текот на времето.
Предности од личното финансиско планирање
Многу луѓе мислат дека финансиското планирање е сложен процес и дека ги спречува да прават работи коишто им причинуваат задоволство. Ако постојано живеете со ограничен износ на пари, бездруго ќе мора да жртвувате некои активности.
Размислете за ова, ако треба да заштедите, можете да ги планирате вашите пари на таков начин, што ќе имате доволно за да излезете со пријателите и убаво да си поминете.
Ако почнете со добра навика за финансиско планирање, секогаш во иднина ќе можете да си дозволите повеќе!
Со финансискиот план, вие:
– ќе имате поголема контрола врз вашите финансии и ќе бидете во можност да избегнете прекумерно трошење, долгови или зависност од други.
– ќе имате подобри односи со луѓето околу вас, вашето семејство, пријателите и колегите, затоа што сте среќни со вашиот живот и не позајмувате пари од други.
– нема да имате финансиски грижи, бидејќи вие сте ја испланирале иднината, сте ги предвиделе вашите трошоци и сте ги оствариле вашите цели.
– ќе бидете поефикасни во стекнувањето, користењето и чувањето на вашите финансиски средства. Со добар личен финансиски план, ги планирате вашите идни потреби и средствата што ги имате. Исто така, ќе бидете спокојни знаејќи дека вашата финансиска состојба е под контрола.
Чекори во личното финансиско планирање
Постојат 6 чекори во финансиското планирање:
1 Проценка на вашата финансиска состојба во моментот;
2 Поставување цели;
3 Определување на активностите што треба да се преземат;
4 Изработка на финансиски план;
5 Спроведување на планот;
6 Следење и ревидирање на остварувањето на планот.
Извор: Народна банка на РМ