Поранешниот премиер на Бугарија и актуелен лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов денеска посака успех во финализирањето на францускиот предлог за решавање на спорните прашања меѓу Бугарија и С.Македонија, јави БГНЕС.
Тој соопшти дека Извршната комисија на ГЕРБ го разгледала предлогот за Македонија и повика на финализирање на договорот.
– На тема РСМ, навистина им посакувам успех на колегите во Софија да го финализираат договорот, за да можеме да кажеме дека француското претседателство направи многу и дека биде успешно, како што заслужува, рече Борисов.
Бугарското Народно собрание на 24 јуни гласаше за предлог-решение кое има за цел да го реши спорот меѓу Софија и Скопје и да го отвори патот за европска интеграција на Македонија.
Нацрт-одлуката се надоврзува на предлогот на француското претседателство и се надградува за да бидат максимално заштитени бугарските интереси, потенцира БГНЕС и потсетува дека вчера и бугарската Влада ја одобри оваа одлука на бугарскиот Парламент.
Францускиот предлог се состои од три независни елементи, кои само заедно можат да одговорат на прашањето дали Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
Првиот документ, нацрт-заклучоците на Советот, ни кажува дека темата „билатерални односи Скопје-Софија“ ќе биде дел од преговарачкиот процес.
Овој документ, како и вториот документ, преговарачката рамка, се однесуваат на трет, клучен документ – билатерален протокол, во кој нема ништо француско и е целосно производ на договор меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји. Ова е всушност патоказот со конкретни ангажмани и етапи кои Скопје мора да ги исполни во замена за Бугарија да го укине ветото, посчува бугарската агенција БГНЕС.
МИА/Фото: Фејсбук/Борисов