еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Честит Илинден: 112 години од Крушевската република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ

Сто и деветнаесет години од Крушевската република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележуваат денеска на 2 Август – Денот на Републиката.

Со Илинденското востание и Крушевската република во 1903, а потоа и на вториот Илинден – Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Годинава, 2 Август – Денот на Републиката – Илинден, се одбележува под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“.

По тој повод, претседателот на државата и делегации на Собранието и на Владата, ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености. Институциите ја објавија агендата за денешното чествување, според која оваа година, шефот на државата Стево Пендаровски ќе ја предводи државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, премиерот Димитар Ковачевски ќе присуствува на свеченоста во Крушево, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на настаните организирани во Пелинце.

Одбележувањето на Денот на Републиката и Илинден на 2 Август ќе започне со настани во Скопје, кога делегацијата предводена од шефот на државата Пендаровски ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“.

Потоа, делегации ќе положат свежо цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.

Одбележувањето на празникот ќе продолжи со обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски на платото во вилата на Водно по што ќе бидат доделени одликувањата Орден на Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Со Орден на Македонија, постхумно ќе биде одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.

Со Орден за воени заслуги, постхумно ќе биде одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.

Со Медал за храброст ќе бидат одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева.

– Осумтемина се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.

По свеченостите во Скопје, државнo-црковна делегација, предводена од претседателот Пендаровски, по осумнаесет години, по повод 2 Август – Илинден, во 12:30 ќе го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) на 2 август 1944 година.

Во состав на делегацијата ќе бидат министерката за одбрана Славјанка Петровска, пратениците во Собранието, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, митрополитот кумановско-осоговски Григориј, епископот Стобиски Јаков, како и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и на Сојузот на борците на НОБ.

Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ и епископот врањски Пахомије, како претставник на Српската православна црква.

По повод посетата на манастирот, претседателот Пендаровски во саботата оствари телефонски разговори со неговиот српски колега Александар Вучиќ и со поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј.

Двајцата претседатели во разговорот се согласиле дека релациите меѓу двете држави бележат одличен развој во повеќе области, а посетата на манастирот „Св. Прохор Пчински“, која се случува по речиси две децении, е позитивен импулс за отворање на нови поглавја во меѓусебните релации.

Во разговорот со патријархот Порфириј, претседателот Пендаровски се заблагодарил на одлуката да биде овозможена посетата на манастирот, што следува со прифаќањето на канонското единство и автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ.

Покрај одбележувањето на Илинден, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, заедничка литургија по повод верскиот празник Св. Илија ќе сослужуваат владици на МПЦ-ОА и СПЦ.

Заедничката литургија во црквата во манастирот „Св. Прохор Пчински“ ќе ја сослужуваат митрополитот струмички Наум, митрополит кумановско-осоговски Григориј и епископот стобиски Јаков од МПЦ – Охридска Архиепископија и епископот врањски Пахомије од СПЦ.

Пред Меморијалниот центар во Пелинце, пак, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, пред споменикот на АСНОМ, претседателот на Собранието, Талат Џафери во 10:00 часот ќе положени цвеќе.

По полагањето цвеќе ќе следува обраќање на претседателот на Собранието, Талат Џафери и ќе биде организирана културно-уметничка програма.

Премиерот Димитар Ковачевски, предводејќи висока владина делегација, со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Во состав на владината делегација ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министрите за култура и за внатрешни работи, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Оливер Спасовски.

Владината делегација, ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република. На спомениците цвеќе ќе положи и собраниска делегација.

Во 10:30 часот, со присуство на владината делегација на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“ и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин камен, продолжува церемонијата во чест на националниот празник. Свечениот дел на манифестацијата ќе започне во 11:30 часот на Мечкин камен, со обраќање на премиерот Ковачевски.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана и празнична културно-уметничка програма.

Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.

По повод Илинден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, ќе го посети струшкото село Ташмаруништа, каде во 10 часот предвидено е да одржи и говор пред присутните.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од потпретседателот Александар Николоски, во чиј состав ќе бидат и членот на ИК Драган Ковачки и пратеничката Ане Лашкоска, во 12 часот ќе положи свежо цвеќе на Мечкин Камен во Крушево, додека друга партиска делегација предводена од потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска, а во состав од пратеникот Бране Петрушевски и претседателот на УМС, Сергеј Попов, во 10 часот ќе положи свежо цвеќе на Меморијалниот центар во Пелинце.

На денешен ден се одбележуваат два важи датуми во македонската историја. Во 1903 година, на полноќ спроти Илинден, камбаните во Крушево го објавиле почетокот на Илинденското востание, за време на кое околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, 115 делегати го одржале Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на Демократска Федеративна Југославија.

Заседанието го отворил најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, Панко Брашнаров. На заседанието бил избран Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто, а биле усвоени и неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на Демократска Македонија.

МИА/Фото: Општина Крушево

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Акција на МВР во ГТЦ: Не е утврдена кражба на струја за „копање“ криптовалути

Редакција

Најголем дел купени од фирмата “Колид“ од Колешино: За новогодишни пакетчиња државните институции и општините потрошиле 72.000 евра

Редакција

Намалено загадувањето на воздухот во Скопје и Струмица

Редакција