еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Фото) 30. роденден: Како се роди македонската Армија

Четворица активни генерали, голем број офицери и подофицери, како и илјадници регрути во 1992 година ја започнаа реализацијата на најголемата патриотска должност за обезбедување мир и стабилност на граѓаните на Република Македонија, кои само неколку месеци претходно на референдум се изјаснија за самостојна и независна држава со одвојување од долгогодипшното заедничко уредување со Југославија и тогашната ЈНА.

Клучната улога во обезбедувањето на територијата на државата, по заминувањето на војската на Југославија, ја имала добро организираната Територијална одбрана која прва ги превзема испразнетите касарни, а веднаш потоа и целосно, во рок од 10 дена ги обезбедува границите, односно ги превзема караулите.

Со договорот потпишан на 21  февруари 1992 година, помеѓу  гeнералот на ЈНА, Благоја Аџиќ, и претседателот, Киро Глигоров, беше определен и крајниот рок 15 април 1992 година за повлекување на ЈНА од државата.

На 11 март 1992 година, единиците на Територијалната одбрана на Крива Паланка ја презедоа првата караула „Рамна Нива”. Истиот ден, на свечен начин беа преземени и соседните караули „Деве Баир” и „Коприва” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Набргу потоа беа преземени сите караули на македонската граница, односно на  21 март е предадена и последната македонска карула „Јован Вукотиќ” во близина на преминот Меџитлија.

Претседателот Глигоров и генералот на ЈНА, Никола Узелац, на 27 март 1992 година, во Собранието на Република Македонија го потпишаа завршниот акт од Договорот за повлекувањето на единиците на ЈНА од Македонија. Со тоа целосно било спроведено одбранбеното одвојување од ЈНА и од СФРЈ и осамостојување. Со превземањето на последната караула била воспоставена целокупната организација, чување и обезбедување на границата и територијалниот интегритет и суверенитет со војници и старешини од единиците на територијалната одбрана кои таа должност ја вршеа во првите неколку месеци сè до пристигнувањето на првиот редовен регрутен контингент на АРМ.

Согласно тогашниот „Закон за одбрана”, чл. 3, од 14 февруари 1992 година, воената обврска на граѓаните е општа и на воената обврска подлежат сите граѓани на Република Македонија од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот.

За само 17 дена, со огромен ентузијазам и ангажирање на старешините и на граѓанските лица, касарните во Скопје „Маршал Тито”, во Битола „Стив Наумов”, во Штип „4 јули” и во Охрид „Михајло Апостолски” биле подготвени да ги примат првите македонски регрути.

Првиот регрут на Армијата, Панче Јамандиев од Велес, роден 1970 година, пристигнал во гарнизонот во Охрид на 14 април 1992 година. Регрутите главно, биле младинци родени во 1973 година, кои во септември истата година требало да заминат во составот на тогашна ЈНА, а со одлука на Владата биле повикани да служат во редовите на АРМ.

Според податоците на АРМ до кои дојде МИА, програмата за обука на македонските регрути опфаќала две и пол месечна обука, а потоа најголем дел од нив биле упатени да ги пополнат граничните единици, додека помал дел од нив се подготвувале за пополнување на единиците на воената полиција и за вршење на останатите служби и должности.

По извршените обуките, на 9 мај 1992 година во Скопје во тогашната касарна „Маршал Тито” сега „Илинден“, во Битола „Стив Наумов” на 10 мај, во Штип „4 јули” на 16 мај и во Охрид на 17 мај, првите македонски регрути дадоа свечена обврска и отпочнаа со своите активности.

Денеска Армијата одбележува 30 години од формирањето од како со одлука, Владата од 3 јуни 1993 година, денот на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев” 18 август 1943 година на Славеј Планина, го прогласи за Ден на АРМ. Истата година Собранието на Република Македонија ја верификува идејата за полноправно членство во НАТО, а на 15 ноември 1995 година станавме членка на иницијативата „Партнерство за мир” по што во март следната година бевме примени во Северноатлантскиот совет за соработка. На 7 јуни 1995 година на Воената академија започна образованието на кадри за одбраната на државата.

Армиските специјалци „Скорпии“ во 1996 година првпат учествуваа на воена вежба на НАТО – „Мировен орел” која се одржа во Република Албанија. Истата година се одржа и првата мултинационална воена вежба на просторот од нашата држава „Спасител ’96”, а во мај следната година вежбата „Спасител ’97”.

Веќе во 1998 година се одржа и најголемата мултинационална вежба според бројот на земјите учеснички „Најдобар кооперативен зафат ’98”. Следеа бурните настани и ангажираноста на АРМ, особено на граничните состави во „Косовската бегалска криза” од 1999 година.

По создадените услови за преструктуирање на одбранбениот систем и реформа на Армијата, заради постигнување интероперативност според стандардите на НАТО, на 3 мај 2000 година, од страна на Алијансата беше прифатен Акциониот план за подготовки за членство во НАТО, со што широко, како што велат од АРМ, се отворија портите за целосна структурна реформа на Армијата. Во започнатиот процес на реформи и преструктуирање, нашата војска во 2001 година се соочи со вистински воен конфликт, иако не беше прогласена воена состојба.

Македонија прв пат испрати свои мировници во мисијата ИСАФ (Интернатионал Стабилизатион Авган Форцес – ИСАФ) во Авганистан во 2002 година, а даде и поддршка на операцијата предводена од САД, „Слобода за Ирак“ во мисијата во Ирак.

Нашите армиски состави продолжија со учество и во мисијата ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина, „УНИФИЛ“ во Либан и во последната со директно учество- мисијата на НАТО-КФОР во Косово. За бригадата за североисточна Европа СЕЕБРИГ деклариравме и сеуште учествуваме со чета за мировни операции, инженериски патен вод и национален елемент за поддршка за чета, а од пред две години сме домаќини на командата на бригадата која е лоцирана во Куманово.

Покажаниот висок професионален ангажман и посветеноста на нашите војници во тие мисии придонесе за јакнење на меѓународниот кредибилитет на Македонија и за нејзино дефинирање како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.

Армијата секогаш прва се вклучувала во помош на граѓаните и локалните самоуправи како во гасење пожари, санирање на последици од поплави, доставување храна во непристапни терени, итн..

За време на поплавите во скопскиот регион 2016 година Армијата учествуваше со вкупно 5.878 работни ангажирања, во просек 345 припадници дневно, 384 моторни возила, а употребени се вкупно службени кучиња во 21 случај. Вкупно 1.116 куќи, 239 приватни и јавни објекти се чистени од наноси. Извршена е дизинфекција на 1.014 куќи.

Во минатогодишните гасења на пожарите на 13 локации во Кочани, Берово, Делчево, Куманово и секаде каде што беа потребни, од копно и од воздух се вклучија припадниците на Армијата, при што беа ангажирани 2243 припадници и исфрлени 472 тони вода од хеликоптерите.

Ангажирањето на Армијата продолжува во асистенција на институциите во спречување на ширењето на вирусот Ковид-19, а воените сили се вклучени и во справување со мигрантската криза и асистенцијата на граничната полиција, почнувајќи од 2015 година.

Армиските припадници постојано учествуваат и во хуманитарни и крводарителни акции. Вообичаено тоа се работи на наша иницијатива за организирање на ваква акција, пред се поврзана со некој повод како прослава на ден на единиците и Ден на АРМ. Во просек секоја година се организираат помеѓу 15-20 вакви акции каде се собираат помеѓу 700-900 крвни единици.

Политиката на национална безбедност на Македонија се темели на „активно и реално вклучување во меѓународните напори за креирање и подобрување на мирот и безбедноста”, е запишано во Националната концепција за безбедност и одбрана.

Стратегискиот одбранбен преглед од 2019 година ги даде јасните и конкретни насоки за трансформација на одбраната на Македонија, а како нејзин составен дел е и трансформацијата на Армијата, која доби една заокружена целина. Транформацијата се уште трае, а постепената и планска модернизација и опремување на оперативните состави според динамичниот план за опремување е составен дел од неа.

Обуката, покрај модернизацијата и опремувањето, има приоритет како значаен сегмент во одбраната и истата постепено се приспособува на потребите на командите и единиците на Армијата за потребите на одбраната на земјата и за учеството во меѓународни мировни мисии.

По воената интеграција во НАТО во 2020 година, се склучи договор за чување на суверенитетот на македонското небо преку концептот на Air Policing. Армијата на Македонија во изминатите 30 години од статична, а гломазна Армијата се трансформира  во мала, мобилна и ефикасна Армија, способна да се соочи со сите предизвици, оспособена рамноправно да се носи со другите армии на земјите членки на Алијансата.

МИА/Фото: АРМ/МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 1 јули ќе почне да функционира отворениот пазар на труд меѓу Србија, Албанија и Македонија

Редакција

(Видео) Прекрасна изведба на легендарната „Чукни во дрво“ од „реномирано друштво“ предводено од Влатко Стефановски

Редакција

Малта е нов претседавач со ОБСЕ, не се постигна консензус за буџетот на организацијата

Редакција