Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) до Советот на агенцијата ќе поднесе предлог за одземање на дозволата за телевизиско емитување на телевизијата „Нова“, која е речиси два месеци во стечај, пренесува Мета.
Според дневниот ред на утрешната седница на Советот на ААВМУ, тоа би можело да се случи и утре.
Според Агенцијата, телевизијата која беше сопственост на бизнисменот Сеад Кочан, газда на „Трансмет“, вчера писмено ги известила дека по отворањето на стечајот на 22 јуни годинава, стечајниот управник ги одјавил сите вработени што фигурирале на платниот список.
Бидејќи сега телевизијата не го исполнува условот да има најмалку 30 вработени, од кои најмалку 10 новинари, Агенцијата му препорачува на својот директор да ја почне постапката за одземање на дозволата на телевизијата, која во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ важеше за провладина.
Мета