Владимир Димитровски, татко на математичкиот гениј Македон од Тетово, преку социјалните мрежи изрази разочарување од државата, бидејќи, како што вели, не биле исполнети ветувањата добиени од Министерството за образование и наука дека ќе има повеќе видови поддршка со оглед на талентот и натпросечната интелигенција на неговиот син.
Откако медиумите објавија за Македон и неговите достигнувања на светските математички олимпијади, тој во мај имаше прием кај министерот Јетон Шаќири.
Според Владимир, на средбата на која било целото семејство заедно со одделенската наставничка биле ветени многу работи, како што се чести средби, комисија која ќе работи на поддршка, можност за соработка со амбасади и слично.
-Денеска покрај медалот по математика добивме и голем пораз од државата. Имено пред неколку месеци кога Македон ги освои првите златни медали по математика бевме повикани во Министерството за образование на прием кај министерот. Таму бевме дочекани со сите почести многу сликање, поклони, ранец и книги за Македон и најважното – многу ветувања.
Прво дека ќе се среќаваме еднаш месечно за да видиме како напредува Македон и на кој начин тоа да се артикулира, потоа беше ветено од страна на министерот дека ќе стапи во контакт со сите големи амбасади за и тие да помогнат во процесот на едукација на Македон, како и дека ќе се формира комисија што ќе направи програма за надарени деца за да може во иднина да ги едуцира.
Ни беше кажано дека има потенцијални спонзори кои сакаат да останат анонимни да финансираат неограничени средства во школувањето на Македон и уште многу други работи, вели Владимир.
Тетовецот се обидел и самиот да контактира и барал нешто да се направи, но, увидел дека најверојатно нема тоа да се случи.
-И сега после неколку месеци покрај многу повици од наша страна до истото тоа Министерство, конечно ни кажуваат дека сето тоа било една голем фарса, и дека од сето тоа што го ветиле нема ништо.
Ни кажаа дека амбасадите не можеле да ги контактираат на соодветно ниво, туку во неформални контакти биле незаинтесирани, дека и спонзорите одеднаш станале незаинтересирани, како и дека државата не може да инвестира во ваков тип на образование. Со еден збор добивме едно големо ништо на денот кога Македон го доби третиот медал по математика на светско ниво.
Што треба едно дете со таков коефициент на интелигенција и со такви успеси да направи за да добие поддршка од државата. За сега една голема нула, истакнува Владимир во објавата на Фејсбук.
Министерот Јетон Шаќири имаше средба со осумгодишниот Македон на 19 мај. Исто така на Фејсбук и министерот порача дека детето ќе добие заслужено внимание.
-Денеска имав чест да го запознаам Македон Димитровски. Големиот 8 годишен генијалец! Си направивме одличен муабет и тој е навистина посебен. Ќе направам се што е во моја моќ и надлежност како министер за образование и наука тој и талентите како него да го добијат заслуженото институционално внимание, да продолжат да се надградуваат согласно нивните потреби и целосно да го реализираат својот потенцијал – тука во сопствената земја, напиша тогаш Шаќири.
Во текот на мај Македон беше примен и од претседателот Стево Пендаровски, како и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Македон има коефициент на интелигенција 134, а за неговите напредни способности објавија балканските и светски медиуми. Покрај досегашните три златни медали на светскиот натпревар „Математика без граници“, говори неколку јазици, го интересира и ја изучува науката за ѕвездите, за еден час ги има ги има научено кинеските броеви до милион и слично.
МИА/Фото: МОН